Elvir Hociç
26 Август 2018•Ажурирај: 27 Август 2018
ДАБЛИН (АА) - Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, побара прошка за „скандалот и предавството“ што го доживеаја жртвите на сексуално злоупотребување во црковните кругови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Папата е во прва папска посета на Ирска во изминатите четири децении, а вчера се состана со осумте жртви на злоупотребување и им вети поефикасна борба за искоренување на тој проблем во црквата.
„Никој не може да не биде трогнат од приказните на младите лица кои доживеаја злоупотребување, на кои им е одземена невиноста и на кои им останаа траги“, изјави денес папата пред околу 45.000 лица во светилиштето во Нок, во западниот дел на Ирска.
Тој порача дека таа отворена рана е предизвик за надлежните во црквата да бидат поодлучни во борбата за вистина и правда.
„Молам за прошка за тие гревови и за скандалот и предавството што го доживеаја многу други во Божјото семејство“, изјави папата Франциско.
Папата по посетата на Нок ќе се врати во Даблин, каде што по повод Светската средба со семејствата ќе служи миса пред речиси половина милион лица во паркот „Феникс“.