свет

Претставникот на Трамп го посети центарот за помош во Газа близу Рафа среде кризата со глад

Конвојот на Виткоф влегол во подрачјето утрово и го посетил местото, кое е среде контроверзии околу неговата улога во испораката и опструкцијата на помошта, како и смртта на стотици жители на Газа кои бараат помош

Ikrame Imane Kouachi  | 01.08.2025 - Обновена : 01.08.2025
Претставникот на Трамп го посети центарот за помош во Газа близу Рафа среде кризата со глад

АНКАРА (АА) - Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф пристигна денес во центарот за хуманитарна помош управуван од контроверзната Хуманитарна фондација Газа во северниот дел на Рафа во јужна Газа, јавија израелските медиуми, пренесува Анадолу.

Според израелскиот „Канал 12“ и јавниот радиодифузер КАН, конвојот на Виткоф влегол во подрачјето утрово и го посетил местото, кое е среде контроверзии околу неговата улога во испораката и опструкцијата на помошта, како и смртта на стотици жители на Газа кои бараат помош.

Посетата доаѓа во услови на зголемени критики за координацијата меѓу САД и Израел во Газа, особено во врска со моделот на дистрибуција на фондацијата, за кој Палестинците велат дека служи како алатка за раселување под маската на хуманитарна помош, како и „стапица на смртта“ за многу палестински баратели на помош, со над 1.300 убиени од мај додека чекале хуманитарна помош.

Виткоф пристигна во Израел вчера во ненајавена посета во рамките на која е реализирана средба со премиерот Бенјамин Нетанјаху. На средбата станало збор за можно поместување од „делумни и фазни“ разговори кон „сеопфатен договор“ за Газа, по неодамнешното повлекување на Израел од преговорите за прекин на огнот во Катар.

Во обраќањето вчера, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека Виткоф „ќе ги посети местата за дистрибуција и ќе обезбеди план за испорака на поголеми количини храна, како и дека ќе се сретне со локалните жители на Газа за да слушне од прва рака за тешката ситуација на терен“.

- „Пропаганден трик“ -

Хамас вчера ја осуди посетата како „пропаганден трик“ насочен кон одвлекување на глобалниот гнев поради она кое групите за човекови права и претставниците на ОН го опишаа како систематска кампања на Израел за изгладнување.

Од почетокот на геноцидната војна на Израел на 7 октомври 2023 година, најмалку 160 Палестинци, од кои 91 дете, починале од глад и неисхранетост, според Министерството за здравство на Газа.

Палестинските претставници велат дека механизмот на Хуманитарната фондација Газа, активен од 27 мај со израелска поддршка, резултирал со смртоносни заседи на линиите за делење на храна, со најмалку 1.330 убиени и над 8.800 повредени поради израелски оган за време на дистрибуцијата на помошта.

Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија спроведува брутална офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, во која се убиени над 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради воените дејства во енклавата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.