Палестинското Министерство за здравство: Во Газа пристигнаa уште 350.000 дози вакцини против детска парализа
Со пристигнувањето на „втората серија вакцини во Газа, вкупниот број добиени дози во Појасот сега е околу 1,6 милиони, доволно за да се вакцинираат сите деца од раѓање до 10-годишна возраст со две дози“
РАМАЛА (АА) – Палестинското Министерство за здравство доцна синоќа објави дека во Газа пристигнала нова пратка вакцини против детска парализа, вкупно 350.000 дози, јавува Анадолу.
Тоа се случува во период кога кампањата за вакцинација во енклавата продолжува во услови на разорната израелска војна.
„Дополнителни 350.000 дози вакцини против детска парализа пристигнаа во Појасот Газа синоќа и се чуваат во фрижидери во магацините на Министерството за здравство во Деир ал-Балах“, соопшти палестинскиот министер за здравство Маџед Абу Рамадан.
Тој истакна дека овие мерки биле координирани со Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).
Додаде дека со пристигнувањето на „втората серија вакцини во Газа, вкупниот број добиени дози во Појасот сега е околу 1,6 милиони, што е доволно да се вакцинираат сите деца од раѓање до 10-годишна возраст со две дози од вакцината“.
Претходно вчера Министерството за здравство на Газа најави продолжување на кампањата за вакцинација трет ден, потврдувајќи дека речиси 159.000 деца биле вакцинирани на вториот ден од кампањата во централна Газа.
На 25 август, палестинското Министерство за здравство го објави пристигнувањето на првата серија вакцини, 1,26 милиони дози.
Кампањата се фокусира на централна Газа од 1 до 4 септември, на Кан Јунис од 5 до 9 септември, а ќе заврши во градот Газа и северните региони од 9 до 12 септември, според официјални извори.
Итноста на кампањата беше нагласена со потврдувањето на првиот случај на детска парализа во Газа по 25 години кај 10-месечно бебе минатиот месец.
На 16 август, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повика на седумдневен хуманитарен прекин на огнот со цел да се овозможи вакцинација на 640.000 деца, барање што беше поддржано од Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).
Израел ја продолжува својата брутална офанзива врз Газа по нападот на 7 октомври минатата година од страна на палестинската група Хамас, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот.
Нападот резултираше со над 40.800 смртни случаи на Палестинци, главно жени и деца, и речиси 94.300 повредени, според локалните здравствени власти.
Блокадата на Газа доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, оставајќи голем дел од регионот во урнатини.
Израел се соочува со обвинувања за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој нареди запирање на воените операции во градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште пред да започне копнената офанзива врз подрачјето на 6 мај.