свет

Португалија со дополнување на предлог-законот за забрана на социјални мрежи за малолетници

- Лимитираниот пристап би се однесувал на социјалните мрежи како Инстаграм, Фејсбук и ТикТок, но не и на апликациите за пораки како ВатсАп

Alyssa Mcmurtry  | 13.02.2026 - Обновена : 13.02.2026
Португалија со дополнување на предлог-законот за забрана на социјални мрежи за малолетници

ОВИЕДО (АА) – Португалија презема значаен чекор кон ограничување на пристапот на малолетните лица до социјалните мрежи, откако пратениците одобрија предлог-закон со кој се бара родителска согласност за корисниците на возраст од 13 до 16 години, а целосна забрана за регистрирање на деца под 13 години, јавува Анадолу.

Централно десничарската коалициска Влада обезбеди поддршка од социјалистите за да ја придвижи мерката во почетната општа расправа во Парламентот, испраќајќи го текстот пред комисија за детална анализа и измени пред финалното гласање.

Поддржувачите го претставија предлог-законот како мерка за заштита на децата, насочена кон намалување на штетите поврзани со прекумерната и неконтролирана употреба на платформи од страна на малолетници, вклучително и булинг, анксиозност, однесување предизвикано од зависност и други ризици за менталното здравје.

Лимитираниот пристап би се однесувал на социјалните мрежи како Инстаграм, Фејсбук и ТикТок, но не и на апликациите за пораки како ВатсАп.

Технолошките платформи, исто така, ќе бидат обврзани да обезбедат ефикасна проверка на возраста во согласност со правилата на ЕУ и да понудат заштита од штетна содржина, вклучително изложеност на насилство, прерана сексуална содржина, игри кои создаваат зависност и манипулативни видеа или слики, во случаи кога корисниците на возраст од 13 до 16 години би можеле да бидат присутни со добиена родителска согласност.

Социјалистите се залагаат целосната забрана да се прошири и на лица под 16 години. Според тековниот закон во Португалија, возраста за дигитална согласност е утврдена на 13 години.

Предлогот наиде на остро спротивставување од крајно десничарската партија Чега, која гласаше против заедно со помалата десничарска партија Либерална иницијатива.

Лидерот на Чега, Андре Вентура, го осуди предлог-законот како „дигитален сталинизам“, и ги обвини мејнстрим-партиите дека се обидуваат повторно да воспостават контрола врз јавната онлајн дебата.

„Тука не станува збор за слобода, туку за преземање контрола врз иднината и умот”, изјави Вентура, критикувајќи ја одредбата што би ѝ овозможила на јавна административна институција да суспендира пристап до услугите на одредена платформа на национално ниво.

Пратениците на Чега, исто така, ја нападнаа формулацијата со која се зголемува одговорноста на платформите за отстранување лажна содржина, тврдејќи дека тоа отвора врата за цензура. „Но кој одлучува што е лажно?“, праша пратеничката на Чега, Рита Матијас, една од најекспонираните фигури на партијата, на социјалните мрежи.

Социјалистичката пратеничка Софија Переира возврати, нарекувајќи ја Чега „партија што промовира омраза и лажни вести“.

Либералната иницијатива оцени дека предлогот ја поткопува приватноста и би создал широк надзор.
Потегот следува по слични иницијативи во странство, имено Австралија минатата година воведе забрана за социјални мрежи за лица под 16 години, додека неколку европски земји, меѓу кои Франција, Шпанија, Данска и Италија, разгледуваат или спроведуваат слични мерки.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.