свет

Пакистан спремен за мир со Индија штом се исполнат условите

„Ние сме подготвени за мир. Но, за такво нешто, Индија ќе мора да ја прекине воената опсада во Кашмир и во согласност со резолуциите на ОН, да им даде право на самоопределување на Кашмирците“

Muhammet Nazım Taşcı   | 28.10.2020
Пакистан спремен за мир со Индија штом се исполнат условите

ИСЛАМАБАД (AA) - Пакистанскиот премиер, Имран Кан, изјави дека Пакистан е подготвен за мир доколку Индија им даде право на самоопределување на Кашмирците во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и ја укине „воената опсада“ во регионот, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според вестите објавени во пакистанскиот печат, премиерот Имран Кан во интервју за локална телевизија изјавил дека на луѓето од регионот најпотребен им е мирот за просперитетна иднина, но дека нема да го игнорираат „владеењето на теророт“ на Индија во Џаму и Кашмир.

„Ние сме подготвени за мир. Но, за такво нешто, Индија ќе мора да ја прекине воената опсада во Кашмир и во согласност со резолуциите на ОН, да им даде право на самоопределување на Кашмирците“, рече Кан.

Потсетувајќи дека по преземањето на функцијата во 2018 година, на Индија ѝ понудил мир и дека доколку индиската администрација направи еден чекор за мир, тогаш Пакистан ќе направи два чекора, Кан истакна дека администрацијата на Њу Делхи наместо да преземе чекори што ќе водат кон мир, на 5 август во регионот започнала нов период на „неправда“.

Рече дека приближно 900.000 безбедносни сили во Кашмир воведоа воена опсада над 8 милиони Кашмирци, и ја опиша областа како „отворен затвор“.

Пакистанскиот премиер нагласи дека ќе продолжи да го потсетува светот за „малтретирањето и угнетувањето“ со кои се соочуваат Кашмирците.

- Проблемот во Кашмир -

Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година, кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, а по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се припои кон Пакистан. Тогашниот гувернер сепак, одлучи Кашмир да го припои кон Индија. Од добивањето независност од Британија во 1947 година, Џаму и Кашмир имаше привилегиран статус со кој можеше да донесува сопствени закони.

Пакистан и Индија во 1947 година влегоа во првата војна за Кашмир, а потоа повторно војуваа во 1965 и 1999 година.

Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, додека Кина 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е единствената доминантно муслиманска сојузна територија во Индија.

Со одлуките на Советот за безбедност на ОН, донесени од 1948 година досега, се предвидува демилитаризација на Кашмир, а неговата иднина да се утврди со референдум.

Додека Индија искажува став против референдум, Пакистан е за спроведување на резолуциите на ОН.

Индиските власти на 5 август 2019 година го укинаа специјалниот статус на регионот Џаму и Кашмир, отповикувајќи го членот 370.

Со одлуката за укинување на специјалниот статус, што стапи во сила на 31 октомври 2019 година, регионот беше поделен на две територии, на Џаму и Кашмир и на Ладак, поврзани со централната индиска власт.


По оваа одлука индиските безбедносни сили ги интензивираа операциите за јавен ред во Џаму и Кашмир, зголемувајќи го притисокот врз народот, воведувајќи полициски час и забрани за интернет, телефон и транспорт. Освен тоа, приведени се сите раководители и членови на политичките партии од целиот регион.





На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın