Балкан

Амбасадата на Турција и МАТУСИТЕБ организираа ифтарска програма во Штип

На програмата присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, муфтијата на Штип, Насир Реџепи и други гости.

Dzihat Aliju  | 20.02.2026 - Обновена : 20.02.2026
Амбасадата на Турција и МАТУСИТЕБ организираа ифтарска програма во Штип Фото: Umeys Sulejman / АА

Штип

Амбасадата на Турција во Скопје и Сојузот на турски невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ) организираа ифтарска програма во Штип, јавува Анадолу.

На ифтарот, организиран во еден ресторан во Штип, присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Фатих Улусој, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, муфтијата на Штип, Насир Реџепи, претставници на турските институции и организации во земјата, политичари, турски граѓани во Северна Македонија, како и турски студенти кои студираат во Штип.

Амбасадорот Улусој во своето обраќање истакна дека турската заедница дава значаен придонес во развојот на климата на единство и братство во Северна Македонија, која се темели на етничкото и културното богатство.

Тој нагласи дека една од човечките врски меѓу Турција и Северна Македонија се и младите Турци кои студираат во земјата, додавајќи дека „студентите придонесуваат за економијата на градовите каде што се образуваат, како и за културната разновидност“.

Улусој потсети дека деновиве Фондацијата за верски прашања на Турција (ТДВ) ја отвори за богослужба, за време на месецот Рамазан, најголемата џамија во Северна Македонија, изградена во Скопје, и ги повика сите да ја посетат.

Од своја страна, Јорданов изрази задоволство што учествуваше на овој ифтар како знак на меѓусебна почит, соживот, единство и солидарност, нагласувајќи дека „ова е доказ за соработката што ја имаме и која ќе ја продлабочиме во периодот што следи“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın