Косово не планира задолжителен воен рок, Маќедонци најави доброволен модел
- Министерот Маќедонци нагласи дека концептот на сеопфатна одбрана предвидува доброволно вклучување на граѓаните, со цел зголемување на резервните капацитети на државата
СКОПЈЕ (AA) - Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, изјави дека Косово нема да воведе задолжителен воен рок, туку ќе развива модел на доброволна служба во рамките на Косовските безбедносни сили (КБС), пренесува Анадолу.
Како што пренесуваат локалните медиуми, Маќедонци нагласи дека концептот на сеопфатна одбрана предвидува доброволно вклучување на граѓаните, со цел зголемување на резервните капацитети на државата.
„Секој граѓанин на Косово ќе има можност да се регистрира и да биде доброволец во Косовските безбедносни сили“, изјави Маќедонци.
Според министерот, цел е изградба на резервен систем што може да се активира во случај на потреба, во согласност со практиките на земјите членки на НАТО. Тој додаде дека КБС располага со доволно материјални капацитети за овој модел.
„Денес имаме четирипати повеќе индивидуални пушки отколку активен персонал“, рече Маќедонци, посочувајќи дека вклучувањето на граѓаните ќе биде регулирано со закон и проследено со соодветна обука.
Тој истакна дека цел не е „милитаризација на општеството, туку зголемување на подготвеноста и свесноста за одбраната на земјата“.
Маќедонци нагласи дека КБС останува професионална сила и дека резервниот модел ќе служи за зајакнување на одбранбените капацитети на Косово.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
