економија, Балкан

Економски бизнис-форум меѓу Северна Македонија и Словачка во Скопје

Во своето обраќање министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство

Elena Trenchevska Chekovikj  | 19.02.2026 - Обновена : 19.02.2026
 Економски бизнис-форум меѓу Северна Македонија и Словачка во Скопје Фото: МНРиНТ на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис-форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании, пренесува Анадолу.

Според соопштението на македонското Министерство, форумот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, е одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата, и нуди можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности.

Во своето обраќање министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.

„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство што, како што посочи, претставува знак на доверба.

Тој посочи дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.

Муцунски посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.

Во рамките на форумот потпишан е Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција САРИО, со што, како што истакнуваат од Министерството, се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.

Муцунски рече дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.

Форумот, како што е оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.