Hasan Tosun
05 Март 2016•Ажурирај: 06 Март 2016
БРАТИСЛАВА (АА) - Во Словачка денес се одржуваат општи избори на кои гласачите бираат влада, која ќе биде на чело на државата во следните четири години, јавува Anadolu Agency (AA).
Ширум земјата денес се отворени 6.968 избирачки места. Гласањето ќе заврши во 22:00 часот.
Последните анкети покажуваат дека на изборите на кои учествуваат 22 партии, би можело да победи Социјалдемократската партија, на чие чело се наоѓа премиерот на Словачка, Роберт Фицо. Сепак, анкетите покажуваат дека оваа партија не би можела самостојно да формира влада.
На изборите во 2012 година, Социјалдемократската партија успеа да го освои потребниот број пратенички места за самостојно формирање на влада.
Во Словачка која има 5,5 милиони жители, 4.392.000 се регистрирани гласачи. Во таа земја излезноста е релативно мала, па така на изборите во 2012 година изнесуваше 58 отсто, односно својата граѓанска должност ја извршија 2.596.000 лица.
Премиерот Фицо беше кандидат на претседателските избори во 2014 година, но независниот кандидат Андреј Киска со 60 отсто од добиените гласови беше подобар.
Инаку, Фицо е познат по своите изјави против бегалците и исламот, како и за противењето на распоредувањето на бегалците по квоти.