свет

Израелските урми наводно се продаваат во европски маркети под други етикети

Брзата експанзија на глобалната трговија со урми и сложеноста на синџирите на снабдување ја поттикнаа дебатата за контролата и транспарентноста на етикетирањето на нивното потекло

Gökhan Ergöçün, Bahattin Gönültaş  | 19.02.2026 - Обновена : 20.02.2026
Израелските урми наводно се продаваат во европски маркети под други етикети

БЕРЛИН (АА) - Значителен дел од урмите што се нудат на продажба во Европа наводно влегуваат на пазарот преку трети земји, додека се прикрива нивното вистинско потекло, јавува Анадолу.

Брзата експанзија на глобалната трговија со урми и сложеноста на синџирите на снабдување ја поттикнаа дебатата за контролата и транспарентноста во назначувањето на нивното потекло.

Израел, кој моментно се соочува со кампањи за бојкот, особено во муслиманскиот свет, наводно применува стратегии за потеклото на производот со цел да го ублажи влијанието на бојкотот од потрошувачите во Европа.

Глобалниот пазар на урми, проценет 32,7 милијарди долари во 2025 година, се очекува да порасне на 34,5 милијарди долари во 2026 година, со годишна стапка на раст од 6,14%. Се предвидува дека пазарот ќе достигне 55,58 милијарди долари до 2034 година.

Регионот на Блискиот Исток и Африка одржуваат доминантна позиција, со годишен капацитет за берба што надминува девет милиони тони. Регионот го снабди со 85,28% глобалниот пазар во 2025 година. Големината на пазарот порасна од 27,89 милијарди долари во 2025 година на 29,43 милијарди долари во 2026 година.

Меѓу клучните производители и потрошувачи во регионот се Тунис, Иран, Израел, Саудиска Арабија, Обединетие Арапски Емирати, Ирак и Египет.

Египет е водечки светски производител, со над 1,7 милиони тони годишно. Следува Саудиска Арабија со повеќе од 1,5 милиони тони, Иран со над 1,3 милиони тони и Алжир со повеќе од 1,1 милиони тони.

Иако Израел заостанува зад Египет и Саудиска Арабија по вкупниот обем на производство, тој останува значаен играч во извозот на висококвалитетни урми, особено премиум сортите меџул.

Сепак, разликите во бројките за производство и извоз создаваат прашања околу следливоста на синџирот на снабдување. Различни индустриски извештаи, медиумски истраги и групи за заштита на потрошувачите во Европа сугерираат дека урмите произведени во израелските населби на окупираниот Западен Брег, можеби се пласираат на пазарот со лажни етикети за потекло за да се заобиколат мерките за бојкот и регулаторната контрола.

- Дебата за транспарентност во синџирот на снабдување -

Тврдењата се фокусираат на тоа дека урмите произведени во окупираните населби се праќаат во Европа преку посреднички земји или индиректни логистички канали, наместо директен извоз.

Производите што потекнуваат од Западниот Брег, наводно, едноставно се назначени како „израелски производ“ или се прикажува дека потекнуваат од соседни земји при влегувањето на пазарот на Европската Унија.

Некои извозници наводно ги препакуваат стоките во зоните на слободна трговија или ги насочуваат низ земји посредници, прикривајќи го нивното место на потекло.

Со зголемената чувствителност низ Европа во однос на фер трговијата, се изнесува загриженост дека лажните етикети за потеклото може да ги доведе до заблуда потрошувачите и потенцијално да ги прекршат трговските регулативи.

Експертите велат дека ваквите практики може да се интензивираат за време на Рамазан, кога побарувачката е на максимално ниво. Зголемената побарувачка би можела да ги оптовари механизмите за инспекција и да ја наруши конкуренцијата, додаваат тие.

Според податоците на Светската банка, приближно половина од урмите продадени во Холандија и повеќе од една третина во Франција потекнуваат од Израел.

Експертите истакнуваат дека двете земји функционираат како центри за пакување и реизвоз во Европа, при што производите понатаму се дистрибуираат во други земји на ЕУ, вклучително и Германија.

Се проценува дека производите поврзани со Израел сочинуваат приближно 25% од вкупната понуда на урми во Германија.

- Тврдења за малверзации во трговијата со урми -

Премиум сортата Меџул е во центарот на дебатите за потеклото.

Според Центарот за промоција на увоз од земјите во развој (ЦБИ), околу 50% од урмите меџул извезени во Европа, потекнуваат од Израел. Меѓународните извештаи за трговијата со храна сугерираат дека бројката може да достигне и до 75%.

Критичарите тврдат дека дел од овој извоз може да потекнува од плантажи во населбите на Западниот Брег, каде што наведувањето на потеклото не е јасно.

Израел извезува приближно 35.000 тони урми годишно. Сепак, податоците од секторот покажуваат дека само околу 8.800 тони се произведени во рамките на меѓународно признатите граници на Израел, претежно во долината Арава, според бројките објавени во израелското списание за агрикултура, Лахаклаи.

Ако овие податоци се точни, тоа би значело дека приближно 75% од извезениот износ може да потекнува од (израелскките) населби на Западниот Брег, кои се сметаат за нелегални според меѓународното право. Некои компании поврзани со Израел, наводно, ја кријат локацијата на производство при извозот на овие урми.

Терминот „малверзации со трговија со урми“ го користат критичарите за да се опишат практиките при кои урми произведени во (израелските) населби се пласираат на пазарот под алтернативни назнаки за потеклото, вклучително Холандија, Мароко, Обединети Арапски Емирати или Палестина.

Некои претставници од секторот тврдат дека производите од населбите се мешаат во палестинските синџири на снабдување преку посредници. Други наведуваат дека разликите помеѓу официјалните декларации и реалните извезени количини овозможуваат производите од (израелските) населби да се извезуваат како палестински.

Палестинските власти претходно примениле мерки за спроведување на правилата. Во 2014 година палестинското Министерство за национална економија, наводно, запленило 20 тони израелски урми што требало да се продаваат со етикета „палестински производ“. Слични истраги биле спроведувани и следните години.

- Правилата на ЕУ за назначување на потеклото -

Европската Унија применува специфични барања за означување на производите што потекнуваат од израелските населби.

Според одлуката на Судот на ЕУ од 2019 година, етикетирањето на производи од израелските населби само како „израелски производ“ не се смета за доволно; потеклото од овие населби мора јасно да биде наведено за да не се залажуваат потрошувачите.

Експертите повикуваат европските потрошувачи внимателно да ја проверуваат информацијата за потеклото при купување урми и бараат поголема транспарентност за производите што се праќаат преку земји посредници или носат сомнителни ознаки од земјите од регионот.

Меѓутоа, израелскиот земјоделски сектор, според извештаи, се соочува со значителен притисок поради кампањите за бојкот и логистичкиот застој поврзани со конфликтот во Газа.

Израелските производители предупредуваат дека секторот се приближува кон колапс, според известувањата во израелските медиуми. Активизмот на потрошувачите и притисокот од граѓаните на европските пазари, кои историски се меѓу најголемите извозни дестинации на Израел, ги натерале некои трговци на мало, да ја преиспитаат политиката за набавка.

Компанијата Ко-оп од Велика Британија ги прекина набавките од Израел, додека кампањите за бојкот земаат замав во земји како Белгија и Ирска.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın