АНКАРА (АА) - ЈАСЕМИН КАЛЈОНЏУОГЛУ -
Јунус Нади Абалиоглу, кој беше основач и уредник на многу весници и списанија за време на своите студентски години, 46 години од своите 66 години живот помина борејќи се за слободата на својата земја преку своето перо. Јунус Нади под раководство на Мустафа Кемал Ататурк, со кого се запозна во Солун во 1910 година, заедно со Халиде Едип Адивар зеде учество во основањето на Агенцијата Анадолија (АА), овозможувајќи Националната борба да се прошири низ целата земја.
Јунус Нади Абалиоглу е 5-то дете на Хаџи Халил и Ајше. Роден е на 1 јули 1879 година во местото Мекри, денешно Фетије во областа Ајдин. Нади, кој уште од раните години покажал интерес кон читањето, добил часови по веронаука и убаво читање на Куранот од приватен учител.
Јунус Нади за кусо време го научил Куранот и од својот татко на 11-годишна возраст бил испратен на островот Родос во медресата „Сулејмание“.
Во медресата основана од Ахмет Митхат и Ебузија Тефик, системот на образование бил во согласност со стандардите што ги поставиле младите Османлии. Во наставата на учениците особено внимание им се придавало на општествените науки, општата култура и изучувањето на јазиците. Во училиштето се изучувале историја, култура, воспитување, позитивни трендови, општа култура, арапски јазик, персиски јазик, француски јазик.
Јунус Нади на Родос за првпат се соочува со противречноста меѓу традиционалните и новите идеи, и концептот за татковина и слобода.
Нади ја завршил како првенец медресата „Сулејмание“ во 1897 година, а своето образование го продолжил во гимназијата „Галатасарај Султаниси“ и на Правниот факултет во Истанбул.
- „Најдобро поле за полемика може да биде обраќањето кон јавноста преку медиумите“ -
Јунус Нади за време на своите школски денови во водите на новинарството влезе пишувајќи текстови за списанието „Малумат“.
Тој за својот влез во новинарството рече: „Изгледаше дека мојата животна професија веќе ми е определена. Само што тоа не одговараше на мојот карактер. Бев човек кој сака да учи и кој сака полемики. Најдобро поле за полемика може да биде обраќањето кон јавноста преку медиумите“.
Нади кој 3,5 години работеше во „Малумат“ како преведувач, повеќе од две години пишуваше текстови во истото списание, објавувајќи 21 текст.
За време на втората година од студиите, во 1901 година, беше обвинет дека основал здружение против султанот Абдулхамид II. Нади е приведен и осуден на 3 години затвор на островот Лезбос. Неговото барање за префрлање во Фетије е прифатено, каде што остана до истекот на казната.
Во периодот на прогонот, во Фетије се жени со Назиме. Тој е татко на 4 деца, Надир, Доган, Нилуфер и Лејла.
Како член на Друштвото за унија и напредок, по прогласувањето на Младотурската револуција и воведувањето на Уставот, Јунус Нади во 1908 година пристигнува во Истанбул. Правниот факултет што го имаше прекинато поради затворската казна успева да го заврши по прогласувањето на новиот Устав и пристигнувањето во Истанбул. Во тој период работел во весниците „Икдам“ и „Тасвир-и Ефкар“.
- Јунус Нади во Солун се запознал со Мустафа Кемал -
Јунус Нади во 1910 година заминува за Солун, каде што станува главен уредник на весникот „Румели“, кој има блиски врски со Друштвото за унија и напредок.
Во наредните години Јунус Нади во Солун ќе се запознае со Мустафа Кемал, со кој ќе биде заедно во ослободителната војна, и со кој ќе биде еден од основачите на Агенција Анадолија. За првите денови од нивното пријателство Јунис Нади вели:
„Во Солун имаше еден ресторан ‘Олимпос’. Таму речиси секоја вечер Мустафа Кемал им се обраќаше на луѓето кои секој ден ги имаше во сè поголем број и со интерес го следеа. Мустафа Кемал, тогашниот капетан од прва класа, навистина знаеше како да го привлече вниманието, зборувајќи за државите работи. Тогашниот Мустафа Кемал и сегашниот Ататурк воопшто не се разликуваа.“
Комуникацијата меѓу Мустафа Кемал и Јунус Нади продолжила во наредните години. Јунус Нади се допишува со Мустафа Кемал, кој е на должност како воен аташе во Софија, и тој во весникот „Тасвир-и Ефкар“, каде што е главен уредник, под наслов „Челични идеи напишани од челично перо“ ја објавува идеологијата на Мустафа Кемал.
- Фотографијата на Мустафа Кемал прв ја објави Јунус Нади -
По започнувањето на Балканските војни, Јунус Нади повторно се враќа во Истанбул, а во периодот април - август 1912 година влегува во Османлискиот парламент како пратеник од Ајдин. Во исто време ја продолжува својата работа како главен уредник во „Тасвир-и Ефкар“.
За време на војната кога Едрене беше окупирано, од Друштвото за унија и напредок Јунус Нади добива задача да ја мобилизира јавноста, при што спроведе успешна кампања.
За време на војната на Чанакале, Јунус Нади започна да го запознава народот со името на Мустафа Кемал. Но неговото херојство не е преточено ниту во еден текст ниту со некаква фотографија. Весникот „Тасвир-и Ефкар“ е првиот турски весник што објави фотографија на Мустафа Кемал, направена во периодот кога тој бил воен аташе во Софија.
- Поддршката на Националната борба ја дава во весникот „Јени Ѓун“, што го формираше 1918 година -
Јунус Нади, кој по Првата светска војна го напушта весникот „Тасвир-и Ефкар“, по враќањето од Солун им се враќа на основните филозофски ориентации кон исламизмот и турцизмот.
По распуштањето на турскиот Парламент на 21 ноември 1918 година, заврши и неговата парламентарна функција. Јунус Нади во текот на својот живот паралено и професионално ја извршуваше својата работа во светот на медиумите, политиката и идеологијата.
Јунус Нади е мисионер во историјата на турскиот печат, особено кога станува збор за Истанбул и Анадолија. Тој на 2 септември 1918 година влезе во водите на печатените медиуми, основајќи го весникот „Јени Ѓун“.
Истата година беше избран за последен пратеник во Османлискиот парламент како претставник од Измир. Тој во весникот „Јени Ѓун“ ја поддржуваше Националната борба што се водеше во Анадолија.
На 16 март 1920 година, еден ден по окупацијата на Истанбул, неговиот весник е затворен од страна на Англичаните, а Јунус Нади е принуден да премине во Анадолија.
- Јунус Нади е еден од татковците на Агенција Анадолија -
Во периодот на Националната борба се почувствува недостаток од организација што ќе врши пропаганда во Анкара, што ќе овозможи побрз проток на вести, што ќе се бори за националното прашање и ќе ја пропагира Националната борба во земјата и во странство.
Агенцијата Анадолија требаше да даде одговор токму на тоа поле. Идејата и името за Агенцијата се родиле на 1 април 1920 година во разговор меѓу Јунус Нади и Халиде Едип на Железничката станица во Акхисар, кога патувале од Истанбул за Анкара.
Во разговорот во кој ја истакнале потребата од формирање информативна агенција во Анкара, Халиде Едип наведувала можни имиња: „Турска Агенција“, „Агенција Анкара“ и „Агенција Анадолија“, при што на Јунус Нади најмногу му се допаднало името „Агенција Анадолија“ и на тој начин се родило името на Агенцијата што е формирана неколку дена подоцна.
- Првите активности на Агенција Анадолија ги започнаа Јунус Нади и Халиде Едип -
Тие во Анкара пристигнале вечерта на 1 април. Според зборовите на Јунус Нади, разговорот околу основањето на Агенцијата Анадолија започнал вечерта меѓу 4 и 5 април во штабот на Мустафа Кемал во Земјоделското училиште. Нади тие моменти вака ги раскажа:
„…Потоа стана збор за Агенцијата Анадолија за која одлучивме со г-ѓа Халиде Едип на Железничката станица во Акхисар. Доколку и Мустафа-паша се согласи, нема потреба од чекање, веднаш би започнале. Идејата на пашата многу му се допадна, но тој сакаше описот на вестите и текстовите што преку телеграф ќе му ги испраќаат на народот во првите денови и тој да ги погледне, со цел да не дојде до спротивставување на политиката и идеологијата што се следи.“
Мустафа Кемал позитивно го прими предлогот и побарал од Османлиската банка да испрати една машина за пишување, која ќе биде доволна за почеток. Со тоа вечерта меѓу 4 и 5 април во штабот на Земјоделското училиште била прифатена идејата за Агенцијата. На разговорот присуствуваа Мустафа Кемал, Јунус Нади, Халиде Едип, Аднан (Адивар) и Џами (Бајкурт).
Според донесената одлука, првиот ден од формирањето на Агенцијата, Јунус Нади и Халиде Едип требало да ги соберат сите официјални и неофицијални домашни и странски вести и двапати дневно, информирајќи го Мустафа Кемал, преку телеграф да објавуваат вести низ целата земја.
Првите активности ги започнаа Јунус Нади и Халиде Едип, а подоцна им се приклучи и пратеникот од Истанбул Али Риза.
Првите активности на Агенцијата беа преведување на интересни наслови од странските весници, одвојување на вестите испратени до Мустафа Кемал-паша, кои од нив се за „Агенција Анадолија“, кои се за весникот „Хакимијет-и Милије“, помош во кореспонденцијата на Мустафа Кемал и истражување на англиските весници донесени од Истанбул.
Агенција Анадолија е формирана на 6 април 1920 година. Во кусиот период на активностите од формирањето на Големото турско национално собрание на 6 април до 23 април, претежно текстовите беа насочени кон правењето разлика меѓу лажните вести од земјата и странство, предупредување на јавноста за провокациите и иницијативите и донесените одлуки на патот кон националната слобода.
- Главните текстови завршуваа со реченицата „Непријателот треба да се уништи, тој ќе биде уништен“ -
Од друга страна, идеологот на АА и нејзин прв вработен, Јунус Нади, почнувајќи од 10 август 1920 година својот весник го преименува во „Јени Ѓун во Анадолија“ и ја продолжи поддршката за Националната борба. Весникот продолжи да се објавува во Анкара до 11 мај 1924 година.
Нади по доаѓањето во Анкара во 1920 година влезе во Големото народно собрание на Турција како пратеник од Измир.
По првата битка на Инону, во 1921 година на повик на силите на Антантата се одржа Конференцијата во Лондон, а Јунус Нади беше еден од делегатите што ја претставуваа Националната влада на Турција.
Истата година во јули, по поразот на силите на Владата од Анкара во Битката Ќутахја-Ескишехир, тој се бореше Мустафа Кемал да биде поставен за главен командант, одржувајќи говор во Парламентот и убедувајќи ги пратениците. Во исто време тој објавуваше и текстови во весникот „Јени Ѓун во Анадолија“.
Јунус Нади, кој веруваше во конечната победа и кој поголемиот дел од текстовите ги завршуваше со реченицата „Непријателот треба да се уништи, тој ќе биде уништен“, по победата во Битката кај Сакарја во 1922 година, пред печатницата на весникот „Јени Ѓун Анадолија“ беше поздравен од насобраниот народ со паролата „Непријателот е уништен“.
Од средината на 1921 година Јунус Нади започна да делува паралелно со политиките на Мустафа Кемал, станувајќи еден од фронталните текстописци на кемализмот, а против истанбулската опозиција.
- Го основаше весникот „Џумхуријет“, а на првата страница подготви репортажа со Мустафа Кемал -
На 29 октомври 1923 година Јунус Нади како претседател на Уставната комисија се обрати од парламентарната говорница соопштувајќи за уставните измени и формирањето на Републиката.
Јунус Нади по прогласувањето на Републиката замина за Истанбул од каде што како медиумски орган започна да го објавува весникот „Џумхуријет“, кој ја бранеше Републиката и Револуцијата, а беше против истанбулскиот печат, кој беше во заштита на калифатот.
По предлог на Мустафа Кемал весникот беше соединување на весниците „Хакимијет-и Милије“ и „Јени Ѓун од Анадолија“.
Во првиот број што излезе од печат на 7 мај 1924 година беше објавена репортажа со Мустафа Кемал за Националната борба и за ослободителната борба.
Јунус Нади во 1924 година зеде место во турскиот Парламент како пратеник од Мугла. Од една страна тој продолжува со својата новинарска професија, а од друга страна тој е член на шестиот состав на Парламентот како пратеник од Мугла.
Нади до 1936 година беше главен и одговорен уредник на „Џумхуријет“. По напуштањето на Набизаде Хамди и Зекерија Сертел стана единствен сопственик на весникот.
Врвниот новинар е автор и на книгите „Артемис“ „Османлиска револуција и реформи“, „40 часа во воздух со Граф Цепелин“.
По тешко боледување, заминува на лекување во Женева, каде што почина на 28 јуни 1945 година.
Погребот е извршен на Гробиштата на хероите во Едирнекапи во Истанбул.
news_share_descriptionsubscription_contact
