Ekipa
25 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Според новиот договор, Агенцијата Анадолија (АА), одбележувајќи ја 100-годишнината, започна со пренесување на своите видеовести на англиски јазик преку „Ројтерс“ (Reuters), една од поголемите светски новински агенции.
Договорот, кој стапи на сила во декември, е еден од многуте проекти за проширување на глобалното покривање на Агенцијата Анадолија, од кои дел се и договорите со Агенцијата „Франс-прес“ (AFP), „Имиџфорум“ (Imageforum) и „Гети имиџес“ (Getty Images).
Паралелно со тоа, Агенцијата Анадолија потпиша договор за дистрибуција на видеа со агенцијата „Ројтерс“, со седиште во Лондон, која има над 2.000 претплатници од светските весници и телевизии.
Според договорот, видеовестите на англиски јазик на Агенцијата Анадолија со логото на Агенцијата (АА) започнаа да се дистрибуираат преку „Ројтерс конект“ (Reuters Connect) до најголемите светски медиуми.
Јилмаз Јаман, корпоративен и маркетинг-директор на Агенцијата Анадолија, изјави дека видеовестите од Агенцијата Анадолија веќе започнале да ги преземаат 26 радиодифузери во 16 земји. Договорот им овозможува на луѓето во земји како САД, Велика Британија, Германија, Хонгконг, Виетнам, Шпанија, Малезија и Холандија, да ги следат вестите со логото на Агенцијата Анадолија.
„Како очевидец на најважните настани во светот, Агенцијата Анадолија ќе ги споделува своите содржини преку „Ројтерс конект“, една од најголемите платформи за дигитални содржини во светот и ќе служи на различни нови групи клиенти во една трансформирана медиумска средина“, рече тој.
Џастин Флетли, директор за партнерство на „Ројтерс“, рече: „Нашето партнерство со Агенцијата Анадолија е важно бидејќи им овозможува на клиентите на „Ројтерс конект“ пристап до најитните вести во делови од светот што честопати се на врвот на агендата. Ние сме убедени дека нашето партнерство со Агенцијата Анадолија ќе ја подобри можноста на нашите клиенти да известуваат за вестите од Блискиот Исток и пошироко.“
Хасан Ојмез, главниот уредник на Одделот за визуелни вести при Агенцијата Анадолија, изјави дека е важно видеата од различни делови на светот да допрат до медиумските организации од целиот свет преку една поширока платформа.
Преку својата платформа за дигитална содржина anadoluimages.com, Агенцијата Анадолија (АА) во моментот до светските медиуми пренесува речиси 6 милиони фотографии со текст на турски и англиски јазик. Како дел од своите проекти по повод 100-годишнината, платформата има за цел да додаде уште 1 милион архивски фотографии, уште повеќе проширувајќи го својот глобален опсег.