Ali Murat Alhas
26 Декември 2019•Ажурирај: 27 Декември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, е евакуиран од предизборен митинг во блиско засолниште поради сирените за предупредување од ракети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелските медиуми објавија дека Нетанјаху држел говор на митинг во рамките на предизборната кампања на неговата партија „Ликуд“ во јужниот град Ашкелон, во близина на Газа.
Сирените се активирале поради опасност од ракети, наводно истрелани од Газа, а телохранителите го однеле во засолниште поради безбедносни причини.
Нетанјаху се вратил на бината кратко потоа, и продолжил со говорот.
Израелските одбранбени сили подоцна соопштија дека системот за противракетна одбрана „Железна купола“ пресретнал ракета истрелана од Газа.
Сличен инцидент се случи и на 17 септември за време на предизборен митинг на Нетанјаху во градот Ашдод на југот од земјата, кога се огласиле сирените поради две ракети истрелани од Газа.