Tuğrul Çam
09 Јануари 2019•Ажурирај: 10 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денеска во Анкара, во врска со изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, околу повлекувањето на американските сили од Сирија, изјави: „Гледаме дека САД имаат потешкотии при повлекувањето. По толку голема близина со терористичката организација, по толкав ангажман, не е лесна ниту разделбата од терористичката организација“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во врска со „последните случувања во надворешната политика на Турција“, шефот на турската дипломатија Чавушоглу ја информираше Комисијата за надворешни работи во Собранието на Турција. Чавушоглу истакна дека во надворешната политика истовремено се следат повеќе значајни теми, а една од темите која има приоритет е Сирија.
Тој посочи дека по изјавата на САД дека се повлекуваат од Сирија, се разгледува како ќе се координира тој процес.
Министерот Чавушоглу соопшти дека во тек се активности за начинот како ќе се координира процесот заедно со САД, додавајќи дека тоа е разгледано на средбите во Анкара заедно со Џејмс Џефри, кој е назначен за специјален претставник на Глобалната коалиција од страна на Џон Болтон, советникот за национална безбедност на Белата куќа.
„Гледаме дека има земји кои вложуваат напори САД да се откажат од нивната одлука. Во САД има различни гласови. Се обидуваме да ги консолидираме сите овие работи. Со нашите колеги во целост ги рагледуваме овие теми. Последните денови, повеќепати повторивме дека ги отфрламе сите оправдувања на САД, особено оние говори во кои се вели „Не ги убивајте Курдите“. И претседателот на Турција, Ердоган, вчера во својот говор во Анкара многу јасно истакна:
„Лагата дека Турција во Сирија е насочена кон Курдите е најподла, најнечесна, најгрда, најбанална клевета“. Гледаме дека САД имаат потешкотии при повлекувањето. По толку голема близина со терористичката организација, по толкав ангажман, не е лесна ниту разделбата од терористичката организација. Ова е една од потешкотиите со кои се соочуваат САД, но можеме да видиме дека од различни институции во таа земја, доаѓаат различни гласови“, рече шефот на турската дипломатија.
Чавушоглу истакна дека Турција, покрај со западните партнери, координацијата на процесот сака да ја продолжи и со Русија и со Иран, со кои работеше заедно во рамките на форматот од Астана.
„Досега немаше проблеми околу спроведувањето на примирјето во Идлиб, не сакаме такво нешто да се доживее ниту во иднина“, изјави Чавушоглу. Во врска со процесот што се води за Кипар, тој рече: „Изгледа невозможно започнувањето на преговорите за кипарското прашање поради изборите во Европскиот парламент.“
Освен тоа, Чавушоглу се осврна и на јеменското прашање, за кое истакна: „Изнаоѓањето решение за јеменското прашање ќе биде еден од приоритетите на Анкара во 2019 година.“