Diyar Güldoğan
09 Јануари 2019•Ажурирај: 09 Јануари 2019
АНКАРА (АА) – Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар го прими началникот на Генералштабот на американската војска Џозеф Данфорд во Анкара, а во текот на средбата е разговарано и за борбата против терористичките организации, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопшението на Министерството за одбрана на Турција се наведува дека во текот на состанокот Турција ги повикала САД да го спроведат својот план за Мунбич во Сирија и што поскоро да ја отстранат терористичката организација ПКК/ПЈД од тој регион.
Во текот на средбата, на која присуствуваше и начелник на Генералштабот на турската војска Јасар Гулер, разговарано е и за враќањето на оружје од терористите на ПКК/ПЈД како и за борбата против терористичките организации, вклучувајќи ги ДЕАШ.
Акар повтори дека Турција е решителна да ги презеде сите мерки потребни за безбедноста на својата граница како и за регионалната стабилност.
Исто така, истакна дека турските вооружени сили се борат против терористичките групи ПКК/ПЈД/ЈПГ и ДЕАШ, а не против, како што рече, курдските браќа во регионот.
Додаде дека Турција секогаш го почитувала територијалниот интегритет на Сирија и на Ирак.
Во јуни минатата година САД и Турција постигнаа договор за мапата на патот за решавање на ситуацијата во Мунбич. Согласно тој договор, турските и американските сили најавија заедничко патролирање во регионот, отстранување на терористите на ЈПГ/ПКК, а локалната власт од терористите да ја преземе локалното население.
Првобитно е наведено дека договорот ќе биде имплементиран во период од 90 дена, но тоа не се случи. Терористите на ЈПГ/ПКК и понатаму го држат градот под окупација.