ДИЈАРБАКИР (АА) - Сè повеќе семејства се приклучуваат на мирните протести пред седиштето на Народната демократска партија (HDP) во Дијарбакир, на кои мајките бараат да им се вратат децата кои се однесени во терористички кампови, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите започнаа на 3 септември, а пред седиштето на партијата утринава од градот Агри пристигна и Салих Ѓокче, чиј син Мехмет пред четири години бил киднапиран и однесен во планините.
„Тој работеше во Истанбул. Еден ден ми се јави и ми кажа дека ќе дојде, потоа врската се прекина. Се обидов да му се јавам, но безуспешно. Мојот син за 20 дена требаше да започне да го служи својот воен рок. Го однесоа во планините“, раскажа Ѓокче.
Тој рече дека никогаш не се откажал од барањето на својот син, поради тоа и одлучил да се придружи на семејствата на протестот во Дијарбакир.
„Дојдов за да го најдам својот син. Нека ги праќаат своите деца во планините. Дали оди некој од нивните деца? Зошто не одат децата на пратениците на Народната демократска партија и нивните градоначалници. Ги водат децата од сиромашните. Истражував и сигурен сум дека мојот син е во Сирија“, изјави Ѓокче, кој во оваа прилика упати повик до синот да се врати.
Турскиот претседател Ердоган претходната недела ги поддржа мајките и семејствата кои протестираат пред седиштето на ХДП во Дијарбакир.
„Ние сме покрај мајките. Државата прави сѐ што може. Терористите бегаат, а ние ги прогонуваме. Порано или подоцна, сите ќе одговараат“, порача Ердоган.
Паралелно со тоа, познатиот турски актер Ахмед Јенилмез ги посети мајките кои протестираат пред зградата на Народната демократска партија (HDP) и во знак на поддршка им подели црвени рози.
Голем број турски уметници на социјалните мрежи упатија пораки за поддршка на мајките во Дијарбакир.
На социјалните мрежи е започната и кампања за поддршка на мајките од Дијарбакир.
Мајките ја обвинуваат партијата ХДП за врбување и носење на малолетници и млади лица во терористичките кампови на ПКК во југоисточниот дел на Турција. Поради тоа, мајките го продолжуваат протестот кој го започна Февзије Четинкаја.
Четинкаја на 3 септември започна мирен протест пред зградата на ХДП, а со неа тогаш беа и сопругот Шахап и нивните четири деца. Подоцна Омер Т. и Ремзије А., исто така дојдоа пред седиштето на ХДП и го поддржаа протестот на Четинкаја и нејзиното семејство, тврдејќи дека терористичката организација ПКК ги киднапирала и нивните деца.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.
news_share_descriptionsubscription_contact
