Başak Akbulut Yazar,Murat Kaya
25 Октомври 2021•Ажурирај: 26 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турското обвинителство во рамките на истрагата против структурите на терористичката организација ФЕТО во Вооружените сили на Република Турција издаде налози за приведување на 18 осомничени лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителството во Истанбул, во соработка со Националната разузнавачка служба (МИТ), покрена истрага против лицата осомничени дека дејствувале во структурите на ФЕТО/ПДЈ, користеле систем за тајно комуницирање и биле во контакт со лица на чело на терористичката организација.
Издадени се налози за приведување на 18 осомничени меѓу кои суспендиран полковник, потполковник, мајор, двајца капетани, шестмина поручници, подофицер и двајца специјалисти на жандармеријата, потоа полковник суспендиран од Воздушните сили, полковник суспендиран од Поморските сили и суспендиран бригаден генерал и капетан на Копнените сили.
Операцијата е спроведена во седум градови, меѓу кои и Истанбул.
За време на операцијата од слобода се лишени седум лица, а се трага по останатите.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.