Gülşen Topçu
03 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
АЛЖИР
Алжирскиот претседател Абдулмеџид Тебун истакна дека има одлични односи со Турците, кои инвестирале приближно 5 милијарди долари во земјата без никакви политички очекувања, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за неделното француско списание „Ле поинт“ (Le Point), Тебун ги оцени односите со Турција и криминалните дела извршени од Франција во Алжир за време на колонијалниот период.
Истакнувајќи дека Турците инвестирале 5 милијарди долари во неговата земја без да поставуваат никакви политички барања, Тебун, односите меѓу двете земји ги опиша како „извонредни“.
Агенцијата за развој на инвестиции во Алжир во 2018 година соопшти дека Турција ја надмина Франција и се најде на првото место на списокот на странски инвеститори во земјата.
Говорејќи за криминалните дела извршени во Алжир за време на францускиот колонијален период, Тебун истакна дека очекуваат администрацијата во Париз целосно да ги признае овие криминални дела.
Тебун истакна дека станува збор за злосторства, масакр, геноцид, грабеж на имот и богатство извршени од 1945 до 1962 година.
Алжирците чекаат официјално извинување и отштета од Франција за нејзините злосторства за време на колонијалниот период.
Според некои историчари, од 20.000 до 30.000 луѓе ги загубиле животите во нападите што биле извршени во градовите Сетиф, Гуелма и Харата.
Поранешниот претседател на Франција, Франсоа Холанд, за време на неговата посета на Алжир во 2012 година, ја прифати одговорноста на неговата земја за настаните и рече: „Во овој момент признавам дека францускиот колонијален режим изврши сериозни криминални дела против алжирскиот народ. Меѓу нив се масакрите во Сетиф, Гуелма и Харата. Тие се закотвени во меморијата и свеста на Алжирците.“
Алжир, кој претставува најактуелен и најкрвав пример на колонијалната историја на Франција на африканскиот континент, својата вооружена борба за независност ја започна во 1954 година.
За време на нечовечката војна во земјата, приближно 1,5 милиони Алжирци ги загубија своите животи, а милиони луѓе беа раселени.