Mustafa Deveci
03 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
ТЕЛ АВИВ (АА) - Лидерите на опозицијата во Израел постигнаа договор за формирање на коалициска влада, со што Бенјамин Нетанјаху по 12 години ќе биде сменет од премиерската функција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во пресрет на самото истекување на уставниот рок, Јаир Лапид, лидерот на центристичката партија Јеш Атид, успеа да постигне договор со лидерите на другите опозициски партии, вклучувајќи го и десничарскиот националист Нафтали Бенет, лидерот на партијата Јамина.
Лапид како мандатар за состав на новата влада го извести израелскиот претседател Рувен Ривлин дека има мнозинска поддршка за состав на новата влада.
Ривлин на Твитер му честиташе на Лапид и неговите коалициски партнери.
Новата коалициска влада на Израел ќе се состои од осум политички партии кои сите заедно имаат 62 пратеници во Парламентот.
Во согласност со коалицискиот договор, Бенет прв ќе застане на чело на Владата како нов премиер на Израел, а потоа со ротација, по две години на таа функција ќе дојде Лапид.
Нетанјаху и неговата партија Ликуд ги повикаа претставниците на десницата да не ја поддржуваат новата коалиција, а новата израелска влада мора најдоцна до 14 јуни и официјално да добие доверба од мнозинството во Кнесет, израелскиот Парламент, кој вбројува вкупно 120 пратенички места.
Со формирањето на новата влада во Израел ќе биде спречено распишувањето и на петите парламентарни избори во изминатите две години.
Новата коалициска влада би значела крај на 12-годишното владеење на израелскиот премиер Нетанјаху кој на таа функција е од март 2009 година.
Политичката неизвесност во Израел ќе потрае уште неколку дена со оглед на тоа што парламентарецот Нир Орбах од партијата на Бенет веќе се изјасни дека нема да ја поддржи новата коалиција.