Ekrem Biçeroğlu,Murat Başoğlu
01 Февруари 2024•Ажурирај: 02 Февруари 2024
ГАЗА (АА) - Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА) објави дека „пристапот до чиста вода во Појасот Газа стана прашање на живот и смрт“, јавува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека „секој ден во Газа е борба да се најдат храна и вода“.
Се предупредува дека „доколку нема чиста вода, повеќе луѓе ќе умираат поради сиромаштија и болести“.
Иако е наведено дека илјадници луѓе делат мал број туш-кабини и тоалети, пријавено е дека кожните болести, како што се шуга и вошки, се шират поради тоа што луѓето не можат да ги задоволат основните хигиенски потреби.
Опишувајќи ја ситуацијата во Газа како „потполно безнадежна“, УНРВА наведе дека израелската војска извела најмалку 270 напади врз седиштето на оваа агенција и зградите во кои се засолниле раселените семејства, а 372 лица се убиени во тие напади.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, истакна: „УНРВА е столбот на напорите на хуманитарната помош во Газа. Ги повикувам сите држави членки да ја поддржат УНРВА за да ја продолжи својата работа на спасување животи.“
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се загинати најмалку 26.900 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 65.949 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Според податоците на Обединетите нации, 85 % од населението на Појасот Газа е интерно раселено и се соочува со акутен недостаток на храна, чиста вода и лекарства, додека околу 60 % од инфраструктурата во Појасот Газа е оштетена или уништена.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.