Muhammet Emin Avundukluoğlu
03 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Турција ќе биде домаќин на 89. Генерално собрание на Интерпол во периодот од 20 до 25 ноември во Истанбул, изјави денеска Јавуз Селим Киран, заменик-министерот за надворешни работи на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со организирање на 89. состанок на Генералното собрание на Интерпол, ние уште еднаш ќе ја потврдиме нашата волја за менаџирање на нашите односи со агенцијата со конструктивен пристап. Ќе го пренесеме нашиот пристап во борбата против тероризмот на највисоко ниво“, изјави Киран за АА.
Тој истакна дека Турција е основачка членка на Интерпол со 194 члена.
Киран рече дека Генералното собрание е највисок овластен орган на агенцијата на кое присуствуваат високи полициски претставници од сите земји.
Турскиот заменик-министер нагласи дека собранието ќе придонесе за меѓународна афирмација на Турција во борбата против глобалниот тероризам и прекуграничниот криминал.
„За жал, нашите односи со Интерпол не се на посакуваното ниво поради колебливиот став на агенцијата за соработка со нашата земја по предавничкиот обид за државен удар на 15 јули“, додаде тој.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), го организираа неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а беа повредени 2.734 лица.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок преку инфилтрирање на своите приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.