Beyza Binnur Dönmez
02 Јуни 2021•Ажурирај: 03 Јуни 2021
АНКАРА
Ако Израел сака здрави односи со Анкара, мора да ги остави своите погрешни политики и да стави крај на насилството врз Палестинците, порача турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За Израел да одржува здрави односи со нас, без оглед која влада е таму на власт, мора првин да се откаже од своите погрешни политики“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција во Анкара со Роберт Даси, министерот за надворешни работи на Того.
Насилството и нападите на Израел врз Палестинците само ќе ги „влоши [нашите] односи“, додаде тој.
Чавушоглу истакна дека Израел може да има „поздрави односи со сите“, доколку се стреми кон мирот, го прифати дводржавното решение и доколку ги почитува правата на Палестинците.
Во последните израелски напади врз Појасот Газа и окупираниот Западен Брег минатиот месец загинаа најмалку 289 лица, меѓу кои и жени и деца, и беше предизвикана огромна материјална штета.
Медицински центри, училишта и канцеларии на медиуми во палестинските територии беа меѓу објектите што беа цел на израелските сили, кои беа уништени неказнето.
- Турската Фондација „Маариф“ ги презеде училиштата во Того
Министерот за надворешни работи на Того истакна дека голем број училишта во западноафриканската земја кои претходно ги раководеше терористичката организација ФЕТО се предадени на турската Фондација „Маариф“.
Тој ја истакна улогата на Фондацијата во обезбедувањето квалитетно образование за учениците во Того.
Анкара ја основа Фондацијата „Маариф“ по неуспешниот обид за државен удар во Турција во 2016 година за да го преземе управувањето со училиштата поврзани со ФЕТО надвор од државата.
Терористичката организација и нејзиниот водач Фетула Ѓулен кој живее во САД стојат зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а повредени беа 2.734 лица.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Изразувајќи поддршка за напорите на Турција, Дуси ѝ честиташе на Анкара за напредокот и достигнувањата во борбата против тероризмот.
„Можеби ние, како Того, не сме ги искусиле овие проблеми [со тероризмот]..., но овие насилни и екстремистички идеологии продолжуваат, и ако не ги запреме, тие на крајот може да стигнат и до нашата земја“, рече тој.
Министерот Дуси вети дека ќе продолжи да стои покрај Турција во борбата против тероризмот, додавајќи дека „заеднички фронт против тероризмот“ може да помогне во обезбедувањето на мирот и стабилноста на регионот.