Behçet Alkan
12 Август 2021•Ажурирај: 13 Август 2021
НЕВШЕХИР (АА)
- БЕХЧЕТ АЛКАН
Во периодот јануари - јули оваа година, 138.225 домашни и странски туристи учествуваа на туристички тури со балони во Кападокија, која на своите гости им нуди уникатни пејзажи со природно, историско и културно богатство.
Во текот на 2020 година, кога започна борбата против епидемијата на Ковид-19, со балони на топол воздух во Кападокија летаа 120.917 лица. Оваа година за само седум месеци 138.225 туристи имаа можност од птичја перспектива да ги видат самовилските оџаци и природните карпести формации.
Поради мерките преземени против Ковид-19, со одлука донесена од Генералниот директорат за цивилно воздухопловство (SHGM), поврзана со Министерството за транспорт и инфраструктура, минатата година помеѓу 17 март и 23 август турите со балони со топол воздух не можеа да се реализираат.

Според информациите на новинарот на АА базирани на податоците на Генералниот директорат за цивилно воздухопловство (SHGM) во регионот, во периодот јануари - јули реализирани се 7.646 летови.
Од областа Гореме и различни други области со балоните со топол воздух во јануари летаа 8.289 туристи, во февруари 11.265, во март 18.363, во април 12.627, во мај 8.528, во јуни 31.421 и во јули, 47.732 туристи.
- „Кападокија - главен град на комерцијалното летање со балони во светот“
Мехмет Динлер, претседателот на Анадолската асоцијација на оператори на балони со топол воздух (ASBİD), за Агенција Анадолија (АА), потсетувајќи дека турите со балони со топол воздух минатата година не се одржувале неколку месеци поради мерките против Ковид-19, рече дека 2021 година е година на закрепнување во однос на туризмот.
Истакнувајќи дека неповолните временски услови, како што се ветрот и врнежите, спречија тури со балони, особено во првата половина од годината, Динлер рече дека сепак во деновите со поволни временски услови голем број балони се кренаа на небото.
„2020 година, исто како и во целиот свет, помина под сенката на пандемијата. 2021 година, со започнувањето на вакцинацијата, стана година на закрепнување. Почнавме да реализираме повеќе летови, особено во летниот период, кога имаше голем број туристи од САД и Мексико. На празникот Курбан бајрам во јули бројот на туристите беше поголем од нашите очекувања. Се надеваме дека оваа стапка на зголемување ќе продолжи и во август, септември и октомври“, рече Мехмет Динлер.
Нагласувајќи ја важноста на Кападокија во турите со балони, Динлер рече: „Кападокија е главниот град на комерцијалното летање со балони во светот. Во Кападокија ги има сите потребни параметри за летање со балони. Доволен број денови за летање, уникатни географски убавини и физички услови.“