Behçet Alkan
19 Јуни 2016•Ажурирај: 20 Јуни 2016
НЕВШЕХИР (АА) - По православните цркви и уникатни фрески во археолошкиот парк на подземниот град во центарот на турскиот Невшехир, археолозите дојдоа до ново големо откритие, манастир кој како и црквата е стар околу 1.500 години, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на реализацијата на проектот за рестарвација на тврдината и урбанизација во Невшехир, претходно е откриен историски подземен град, поради кој Управата за јавна станбена изградба (TOKI) се откажа од проектот за изградба и го предаде земјиштето на општинските власти со цел понатамошно истражување на тоа подрачје.
Турското министерство за култура и туризам на тоа подрачје ангажираше експерти кои работат на ископување на контурата на подземниот град на површина од 40 хектари, а досегашните наоѓалишта укажуваат дека станува збор за големо културно-историско богатство.
Градоначалникот на Невшехир, Хасан Унвер, за АА изјави дека научниците и археолозите се восхитени со секој ископан метар бидејќи се свесни дека на тоа подрачје се кријат големи откритија, како што е и новооткриениот манастир кој во петтиот век на Новата ера бил изграден во карпите.
„Пристигнуваат експерти од целиот свет. Моментално работиме на грубо чистење на манастирот, а потоа ќе следи и детално чистење. Веќе во манасатирот наидовме на низа интересни и вредни предмети и сите ги предадовме на музејот”, изјави Унвер.
Претходно оваа година, на подрачјето откриена е 1.500 години стара православна црква со ѕидни фрески на вознесението, воздигнувањето на Исус Христос кон небото, какви досега не се видени.
Покрај тоа, откриен е комплетен станбен комплекс кој вклучува и воени коњушници.
Откриениот подземен град кој се наоѓа во самиот центар на Невшехир и веќе е прогласен за археолошко наоѓалиште од трет степен. Тоа секако ќе ја збогати туристичката понуда на тој дел од Турција, а градоначалникот на Невшехир, Унвер, изјави дека веќе следната година ќе биде отворен еден дел од комплексот и за посета на туристите.