Ahmet Sertan Usul
13 Мај 2021•Ажурирај: 14 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Потпретседателот на Република Турција, Фуат Октај, изјави дека денешниот муслимански празник Рамазан бајрам ќе биде можност за будење на исламскиот свет, обезбедување на негово единство и солидарност и време кога треба да се застане и да се каже „стоп“ на прогонот на Палестинците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Октај бајрамската молитва (намаз) ја изврши во Џамијата „Бештепе“ во Анкара, а потоа им го честиташе празникот Рамазан бајрам на сите муслимани во Турција и светот. Октај се осврна на актуелните случувања во Палестина, односно зборуваше за насилството на израелските сили врз Палестинците.
Тој порача дека насилството трае од 1947 година.
„Државата Израел, која е основана во 1948 година, за жал, се претвори во држава на тероризмот. Веќе 73 години на сцената имаме државен терор. Замислете колку генерации живеат под прогонство 73 години. Се надевам дека ова прогонство ќе заврши. Што и да прават, кој и да прави, територијата на Палестина, „Месџид ал-Акса“ им припаѓа на муслиманите, Палестинците, Ал Кудс им припаѓа на Палестинците, и се надевам дека Палестина ќе го заземе заслуженото место како независна држава во иднина. Целиот свет мора да го почитува тоа“, рече Октај.
Тој нагласи дека не е доволно муслиманските земји и светот само да го проколнат сево ова.
„Ние сме одговорни да го направиме она што е потребно. За жал, единството и солидарноста во исламскиот свет не се на посакуваното ниво, и тоа ги придвижува оние кои тоа го гледаат како можност и кои вршат државен терор“, рече Октај.
Тој истакна дека овој Рамазан бајрам треба да биде можност за будење на исламскиот свет, да го обезбеди неговото единство и солидарност и да застане и да каже „стоп“ на овој прогон на Палестинците.
„Како Турција, ние правиме сѐ што можеме на сите потребни полиња. Нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган] е зафатен деноноќно со ова прашање“, рече Октај.
Тој нагласи дека израелското насилство нема да може да продолжи.
„„Месџид ал-Акса“ е наша прва кибла и ќе остане како наша прва кибла. Ал Кудс е главен град на Палестина и ќе остане нејзин главен град, без оглед што и да прават, кој и да се обидува нешто да направи. Земјите кои се обидуваат да го направат Ал Кудс главен град на Израел и оние кои се обидуваат да ги натераат другите Ал Кудс да го прифатат како главен град на Израел исто така се партнери во овој прогон. Секој кој не заземе јасен став против тоа е соучесник“, изјави тој.
Турскиот потпретседател на крајот порача дека се неопходни меѓународна заштита и мировни сили кои ќе заземат свое место во регионот за да спречат загуба на невини луѓе во Палестина.
„Се надевам дека ќе дојде крај на тоа, а ние како Турција ги правиме сите напори во таа насока и така ќе продолжиме“, изјави Октај.