Sarp Özer,Ali Kemal Akan
29 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
АНКАРА (АА) - Бродовите ловци на мини и поморските патролни авиони на Турција внимателно ги следат водите во близина на турските брегови на Црното Море за да ги детектираат и деактивираат мините што пловат, соопшти министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот на Владата во главниот град Анкара, Акар коментираше за заканата од мините што пловат, а за кои се сомнева дека се движат кон Турција како и кон Бугарија од бреговите на Украина, која е во војна со Русија од крајот на февруари.
„Нашите бродови ловци на мини и поморските патролни бродови следат внимателно“, рече тој, додавајќи дека откриените мини ќе бидат веднаш отстранети бидејќи веќе се преземени мерки од турската Војска.
Акар понатаму истакна дека напорите на турските власти да го идентификуваат изворот и бројот на мини кои пловат сè уште се во тек.
Најмалку две мини се деактивирани досега од турските власти. Друга мина е деактивирана од Бугарија, која е другиот сосед на Турција од регионот на Црното Море.
Русија ја започна војната против Украина на 24 февруари. Тоа наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги санкции кон Москва.
Според Обединетите нации, досега во војната во Украина животот го загубиле најмалку 1.151 цивил, а 1.842 се повредени.
Над 3,87 милиони Украинци пребегаа во различни европски земји, а милиони се раселени во внатрешноста на земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.