Турски уметник ги претвора оштетените тротоари во галерија на отворено
„Наместо да ги изложувам во галерија, на некој начин ги принудувам луѓето да видат нешто токму таму, на патот. Го привлекувам вниманието кон една пукнатина, кон еден скршен дел“
АНКАРА (АА) - ДОГУКАН КЕСКИНКИЛИЧ - Скршените плочи на тротоарите, на кои често наидуваме по тесните градски улички, добиваат нов живот и се претвораат во уметнички дела под магичниот допир на скулпторот Озан Киран, пишува Анадолу.
Киран со големо внимание ги собира скршените парчиња од плочниците, ги носи во своето ателје каде што ги поправа, ги обликува и украсува со разнобојни дезени, а потоа ги враќа таму каде што ги нашол.
Тој не само што ги пополнува празнините на тротоарите, туку со секој свој потег влева дух и боја во јавниот простор.

Преку овие детали, кои окото на обичниот минувач често ги прескокнува, тој упатува суптилен повик за внимание кон грижата за своите градови, претворајќи го секојдневјето во галерија на отворено.
Неговите дела, кои станаа вистинска сензација на дигиталните платформи, предизвикуваат огромен интерес и кај жителите на градот.
- „Го изработувам потребниот дизајн и ги враќам на место“ -
Во разговорот со Анадолу, Киран го опиша својот пат на преобразба на оштетените плочници во уметнички дела низ турскиот град Анкара.

Тој рече дека на почетокот работел само на пукнатините, но со текот на времето тој процес прераснал во создавање дизајни за големите празнини на тротоарите.
Сфаќајќи дека тие празнини може да ги искористи како простор за изложување на своите дела, Киран вели: „Тоа стана простор каде што можам и да ја пополнам дупката, но и да ги покажам моите творби.“
Негова главна мотивација е да ја изнесе уметноста директно на улица.
„Наместо да ги изложувам во галерија, на некој начин ги принудувам луѓето да видат нешто токму таму, на патот. Го привлекувам вниманието кон една пукнатина, кон еден скршен дел“, вели тој.
Опишувајќи го процесот на работа, тој раскажа: „Шетам по улиците и ги наоѓам оштетените плочи. Потоа ги земам ги носам во ателјето, ги чистам, го правам потребниот дизајн, истурам епоксидна смола и ги враќам на нивното место.“
Киран напомена дека дизајнот го приспособува на темата што сака да ја пренесе, обликувајќи ги плочите со додавање нови елементи.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
