Турција, живот

Лице со попреченост од турски Ерзинџан веќе 26 години не излегува од дома без костум

Приказната за костумите започнала пред 26 години, додека живееле во Истанбул, кога соседите на шега му рекле: „Ти си наш кандидат за градоначалник“ и му облекле костум. Оттогаш тоа станало негов заштитен знак.

Emin Ferhat Sevilir  | 01.04.2026 - Обновена : 03.04.2026
 Лице со попреченост од турски Ерзинџан веќе 26 години не излегува од дома без костум

ЕРЗИНЏАН (АА) – Во турскиот град Ерзинџан, 46-годишниот Керем Туркеш е симбол на една поинаква достоинственост. Тој е лице со интелектуална попреченост, кое речиси три децении не излегува од својот дом без да облече елегантен костум, пишува Анадолу.

Животот на Керем се сменил кога имал три години, болеста со висока температура оставила трајна трага врз неговиот интелектуален развој. Денес, на 46 години, тој се држи за животот благодарение на пожртвуваноста на неговата 67-годишна мајка Ѓул Ханим Туркеш.

Мајката, која по разделбата од сопругот живее сама со синот, се грижи за него како за мало дете. Приказната за костумите започнала пред 26 години, додека живееле во Истанбул, кога соседите на шега му рекле: „Ти си наш кандидат за градоначалник“ и му облекле костум. Оттогаш тоа станало негов заштитен знак.

Керем Туркеш, кој има и тешкотии со говорот, секој ден ги облекува своите чисти и испеглани алишта и шета низ маалските улици.

Мајката Туркеш, која со големо внимание ги пере и пегла костумите, кошулите и вратоврските на својот син, за Анадолу сподели дека веќе со години сама ги носи товарот од грижата и радоста за синот, кој се здобил со попреченост по тешката болест.

Туркеш со особена гордост раскажува дека нејзиното дете никому не му штети и дека сите многу го сакаат.

„Многу сака костуми. Сака да биде чисто облечен. За секој костум има посебна вратоврска. Се облекува, излегува, шета. Луѓето многу го сакаат, граѓаните на Ерзинџан му покажуваат голема почит. Обожава да се фотографира. Ѕидовите на нашиот дом се полни со негови слики. Сака костуми и вратоврски во различни бои. Без костум не излегува надвор.“

„Иако има 46 години, сè уште се грижам за него како за дете. Ние сме сопатници. Кога јас ќе се разболам, тој се грижи за мене. Слава му на Бога, се чуваме еден со друг и така го чекориме патот“, раскажа мајката Туркеш.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.