Burak Bir
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
АНКАРА
Членовите на Организацијата на туркиски земји изразија подготвеност да го поддржат Казахстан среде протестите низ целата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нагласувајќи ја важноста на мирот и стабилноста, организацијата ја изрази својата силна солидарност со нејзината земја членка Казахстан“, се вели во соопштението на оваа организација.
„[Организацијата] ја изразува својата доверба во капацитетот на казахстанската власт дека мирно ќе ги смири тензиите и ќе воспостави ред и мир“, се додава во соопштението.
Искажувајќи доверба „во мудроста и желбата на братскиот казахстански народ“ да се врати во нормала, тие, исто така, го пренесоа своето сочувство за оние кои ги загубија животите за време на инцидентите и им посакаа брзо закрепнување на повредените.
- Ситуацијата во Казахстан
Министерот за внатрешни работи на Казахстан во средата соопшти дека повеќе од 200 лица се притворени поради нарушување на јавниот ред за време на демонстрациите што избувнаа низ земјата во вторникот.
Министерството рече дека 37 полициски возила се оштетени, 95 полицајци се повредени и еден автомобил е запален за време на протестите.
Полицијата останува распоредена на улиците на Алмати, најголемиот град на Казахстан, каде што се одржаа масовните протести.
Сметајќи ја Владата за одговорна поради протестите кои започнаа против неодамнешното зголемување на цените на течниот нафтен гас, претседателот Касим Јомарт Токаев во средата ја одобри оставката на премиерот Аскар Мамин и неговите министри.
Откако протестите се проширија низ земјата, Токаев прогласи вонредна состојба во градот Алмати и регионот богат со нафта Мангистау на запад за периодот 5 - 19 јануари за да воспостави јавна безбедност. Тој, исто така, воведе карантин во Алмати, поранешниот главен град на земјата, каде што илјадници луѓе излегоа на улиците.
Полицијата употреби шок-бомби и солзавец за да ги растера демонстрантите, на што тие возвратија со камења. Исто така, пријавени се судири помеѓу полицијата и демонстрантите.
Владата, исто така, забрани пристап до апликациите на социјалните медиуми, вклучително Фејсбук и Телеграм.
Протестите избија на 2 јануари кога возачите одржаа демонстрации против зголемувањето на течниот нафтен гас во градот Жанаозен во Мангистау, кои подоцна се проширија во градот Актау.
Протестите за поддршка во западните градови Атурау, Актобе и Орал, каде што се наоѓаат резервите на нафта и природен гас во земјата, се проширија и во други области на Казахстан.