Aliia Raimbekova
03 Јануари 2017•Ажурирај: 04 Јануари 2017
АСТАНА (АА) - АЛИА РАИМБЕКОВА – Жителите на Астана, главниот град на Казахстан, против хроничниот умор се борат со капење во ледената река Ишим којашто тече низ градот, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколкумина жители на Астана, еден од најладните градови во светот, за да се борат против мрзеливоста и хроничниот умор се фрлаат во ледената река Ишим. Тие сметаат дека капењето во екстремно ладната вода го јакне имунитетот и ја забрзува циркулацијата.
Членовите на клубот „Моржови“ од Астана, на мразот на базените со дебелина од речиси десет сантиметри, прават отвори и секоја зима организираат капење во ледената вода. Сѐ започнува со правењето отвор на мразот, потоа најсмелите што ќе се капат трчаат околу реката, по што следува капење во ледената вода.
Во просториите на клубот се служат билни чаеви, а пак искусните „моржови“ им го пренесуваат своето искуство на младите и им даваат совети за здрав живот.
Членовите на клубот истакнуваат дека редовното капење во ледената вода ја забрзува циркулацијата и го зајакнува имунитетот.
- „Нема веќе хронична мрзеливост и умор“ -
Аскер Пиријев, кој веќе пет години е член на клубот, во разговор за АА вели дека пред капењето во ладната вода се обидува да го подготви телото така што се полева со ледена вода, меѓутоа тоа не е доволно.
Тој истакнува дека воочил многу промени на своето тело откако почнал да се капе во ледената вода и дека исчезнале хроничната мрзеливост и уморот што претходно ги чувствувал. „Откако почнав да се капам во ледената вода, ниеднаш не настинав“, вели Пиријев.
Во клубот има членови од четири до 77 години. Пиријев истакнува дека 77-годишниот член на клубот трча бос по снегот и останува во ледената вода по пет до десет минути, додека младите издржуваат само неколку секунди.
Пиријев вели дека дури и на минус 40 степени се капел во ледената вода и дека луѓето не се свесни за својот потенцијал. „Не се ни обидуваат да ги откријат своите потенцијали, иако има многу начини да се стори тоа. Еден од најлесните е да се влезе во ледената вода, како што тоа ние го правиме“.
Една од членките на клубот е и педесетгодишната Светлана Борисенко, која е дел од клубот веќе седум години.
„Барав нешто за да го победам чувството на празнина. Се двоумев меѓу падобран и ледена вода, за на крајот сепак да се одлучам за ледена вода“, изјави таа.
Борисенко истакна дека првиот скок во ледената вода бил придружен со страв, а стравот подоцна го заменила со уживање.
Таа вели дека ледената вода делува како анестезија и дека не сака зимата да заврши. Исто така додава дека со останатите членови на клубот трчаат по капењето во ледената вода, а потоа лежат на снегот.
И таа го потврдува она што го кажа Пиријев, дека ниеднаш не настинала откако почнала со капењето во ледена вода.