Diyar Güldoğan
05 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Во Астана, главниот град на Казахстан, денес е вториот ден од петтите мировни преговори за Сирија, чија цел е да се заврши конфликтот во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Преговорите започнаа. Во моментот, во тек се билатералните средби меѓу преговарачите“, изјави портпаролот на казахстанското Министерство за надворешни работи, Ануар Жаинаков, кој беше цитиран од страна на националната новинска агенција Казинформ.
Жаинаков изјави дека почетокот на пленарниот состанок е закажан за 4.00 часот попладне по локално време, со учество на сите делегации.

На состанокот исто така ќе присуствуваат и претставници на сирискиот режим, вооружените опозициски групи, од трите земји-гаранти (Русија, Турција и Иран), специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, како и делегациите од Јордан и од САД.
Жаинаков истакна дека нивната главна точка на агендата е да се дефинираат границите на зоните без судир во Сирија.
На четвртата рунда од преговорите во Астана на 4 мај, трите земји-гаранти потпишаа договор за воспоставување на овие посебни области.
Сепак, во вторникот беше објавено дека воените авиони на режимот извршиле напад на местото Дума, источно од Дамаск, кое се наоѓа во една од зоните без судир.
За време на преговорите во мај, местото Дума беше означено како дел од мрежата на подрачја каде што актите на агресија се забранети.
По прекинот на огнот на 30 декември, првиот круг од преговорите во Астана беше одржан на 23. и 24. јануари, со посредство на Турција којашто ја поддржува опозицијата, и Русија и Иран, кои го поддржуваат режимот на Асад.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.