Diyar Güldoğan
05 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Москва ги продолжи контрасанкциите против голем број западни земји, се вели во денешното соопштение од руската Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
„Забраната за увоз на одредени видови земјоделски производи, суровини и храна од САД, земјите-членки на ЕУ, Канада, Австралија, Норвешка, Украина, Албанија, Црна Гора, Исланд и од Лихтенштајн, е продолжена од 1 јануари до 31 декември 2018 година“, се вели во соопштението на Владата.
Во соопштението е наведено дека контрамерките се воспоставени за да се обезбеди сигурноста на Русија.
„Овие ограничувања се во насока на проширување на специјалните економски контрамерки против одредени земји, земајќи го предвид степенот на нивната вмешаност во режимот на санкции против Русија“, се додава во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во петокот потпиша декрет за продолжување на контрасанкциите за уште една година.
Овој чекор дојде два дена откако ЕУ го прошири својот опсег на економски чекори против Русија до 31 јануари 2018 година, во поглед на континуираниот „недостаток на целосно спроведување“ на договорите од Минск за да се стави крај на конфликтот во источна Украина.
Во 2014 година, Русија го забрани увозот на свежи прехранбени производи од многу западни земји како одговор на ЕУ санкциите поставени поради руската анексија на Крим по илегалното гласање за независност.
Заедно со многу земји на ОН, САД, ЕУ и Турција исто така не го признаваат Крим за руска територија.