Zeynep Tüfekçi
05 Јули 2017•Ажурирај: 06 Јули 2017
МОСУЛ (Аа) - Во екот на завршните операции од битката за Мосул, здружените ирачки сили се подготвуваат за голема воена парада, со која сакаат да ја прослават победата над терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (АA).
Полицискиот офицер Таха eс-Шувејли за АА изјави дека ирачките сили веќе работат на затворање на тунелот што го ископаа терористите на ДЕАШ, и ги чистат улиците во ослободените квартови на западниот дел од Мосул, кој речиси целосно е разурнат.
„Во квартот Итихадије, во подготовка е и воена парада. Тој свечен настан најверојатно ќе биде одржан за време на претстојната посета на премиерот и началникот на Генералштабот на ирачката војска, Хајдар ал Абади, кој во Мосул и официјално ќе ја прогласи победата над ДЕАШ“, изјави Шувејли.
И полицискиот офицер Сами aл-Арид тврди дека поразот на ДЕАШ веќе e сигурен и oти терористите само се закануваат со извршување на самоубиствени напади, но не даваат воен отпор во класична смисла на фронталната размена на оган.
Ирачките сили во изминатите 24 часа открија и неутрализираа вкупно десет бомбаши-самоубијци на ДЕАШ, кои имале за цел да извршат терористички напади на цивилите, а меѓу неутрализираните самоубијци има и три жени.
Ирачките сили минатата недела го ослободија реонот Стар град во Мосул, во којшто се наоѓа и големата џамија Нури, бастионот на терористите на ДЕАШ, а во вчерашните судири во соседниот кварт Мекава беа убиени 22 припадници на терористичката организација.
Терористите на ДЕАШ во јуни 2014 година го окупираа Мосул, а лидерот на групата, Абу Бакар ал Абади, во неодамна урнатата Голема џамија во центарот на Мосул прогласи основање на таканаречен калифат на ДЕАШ.
По тримесечна акција, здружените ирачки сили со поддршка на меѓународната коалицијата, во јануари го ослободија источниот дел на Мосул, а на 19 февруари започна акција за ослободување на центарот на градот, кој се наоѓа на западниот брег на реката Тигар.