Gökhan Yılmaz
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
ЗОНГУЛДАК
Првиот минијатурен сателит во Турција, „Гризу-263А“, дизајниран од вселенскиот тим „Гризу-263“, што го сочинуваат студенти од Факултетот за инженерство на Универзитетот „Булент Еџевит“ (BEU) во Зонгулдак, ќе биде испратен во вселената на 13 јануари со ракетата „Спејс икс Фалкон 9“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во проектот, кој се спроведува со техничка поддршка на Лабораторијата за тестирање вселенски системи на Техничкиот универзитет во Истанбул, како и Асоцијацијата за аматерски сателитски технологии на Турција и холандскиот Универзитет за технологија „ТУ Делфт“, членовите на вселенскиот тим со нетрпениое го чекаат денот кога минијатурниот сателит во вид на коцка со димензии 5 х 5 х 5 сантиметри ќе биде лансиран во вселената.
Првиот минијатурен сателит во земјата, „Гризу-263А“, кој треба да полета од базата за лансирање во Кејп Канаверал, САД, на 13 јануари во 18:25 часот по турско време, ги носи имињата на рударите кои ги загубија животите во експлозијата во рудникот во Зонгулдак на 3 март 1992 година.
Планирано е сателитот да служи 4 години и 8 месеци во ниската Земјина орбита од околу 525 километри.
Вселенскиот тим, на натпреварот организиран од „Турксат“ во рамките на ТЕХНОФЕСТ, го освои првото место, а наградата му беше врачена од претседателот Реџеп Таип Ердоган.
На натпреварот учествуваа вкупно 95 екипи. Вселенскиот тим, исто така двапати го освои второто место во светот во натпревар на модели на сателити „КенСат компетишн“, што се одржува во САД.

- „Успехот што треба да се постигне овде ќе отвори нови хоризонти“
Советникот на вселенската екипа, проф. д-р Булент Екмекчи, истакна дека екипата постигна значајни успеси на национално и меѓународно ниво.
Објаснувајќи дека тие имаат за цел да го дизајнираат, произведат и да го испратат првиот минијатурен сателит на Турција во вселената, Екмекчи рече: „Среќни сме што напорите вложувани со години сега ќе се реализираат. Нашиот минијатурен сателит е дизајниран, интегриран во ракетата и сега чека да биде лансиран.“
Истакнувајќи дека како и во целиот свет, така и во Турција ќе почне ефективно да се употребуваат таквите сателити, Екмекчи рече: „Успехот што треба да се постигне овде ќе отвори нови хоризонти за нашиот тим и нашиот град, ние со нетрпение го очекуваме ова.“