Diyar Güldoğan
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Казахстан ќе продолжи да обезбедува платформа за меѓународните актери кои ќе се состанат за да помогнат во решавањето на сирискиот конфликт, изјави денес казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбајев, јавува Anadolu Agency (AA).
„Подготвени сме да обезбедиме платформа за меѓународните состаноци за Сирија“, Назарбаjев беше цитиран од страна на националната новинска агенција „Kazinform“ (Казинформ“.
Тој изјави дека преговорите во Астана веќе ја докажале својата ефективност.
Назарбајев додаде дека режимот на Башар ал-Асад и вооружената опозиција имале можност да ги пренесат своите ставови.
„Се надеваме дека состанокот што ќе се одржи во Астана, на 4. и 5. јули, ќе биде ефективен како и претходните“, рече Назарбајев пред групата шефови на дипломатските мисии.
Главниот град на Казахстан ќе биде домаќин на петтиот круг од преговорите за решавање на ситуацијата во Сирија, а на него ќе учествуваат режимот на Асад и вооружената опозиција.
На четвртиот состанок, кој беше одржан на 4. мај, три земји-гаранти (Русија, Турција и Иран) потпишаа договор за воспоставување „зони без судири“ во Сирија.
Казахстанскиот министер за надворешни работи, Каират Абдракманов, денес изјави дека некои делегации веќе пристигнале во Астана пред состанокот.
„Учесниците на состанокот веќе пристигнуваат“, беше цитиран тој од новинската агенција „Kazinform“.
Абдракманов изјави дека на состанокот ќе присуствуваат претставници од сирискиот режим, опозицијата и од земјите-гаранти.
Тој реле дека делегации од Јордан и од САД исто така ќе присуствуваат на преговорите.
„Се очекува да пристигне и специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура“, додаде тој.
По прекинот на огнот на 30 декември, првиот круг на преговорите во Астана беше одржан на 23. и 24. јануари, со посредство на Турција, која ја поддржува опозицијата, и Русија и Иран, кои го поддржуваат режимот на Асад.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.