Erdinç Aksoy
07 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
ЕСКИШЕХИР (АА) - ЕРДИНЧ АКСОЈ -
Турската наменска индустрија претходно го претстави домашниот повеќенаменски хеликоптер „Ѓокбеј“, а во текот на изминатиот викенд е претставен и мотор кој ќе го придвижува тоа летало, кој во потполност е развиен во домашни капацитети во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на изминатиот викенд во видеоконференциско обраќање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Ескишехир е претставен националниот хеликоптерски мотор TS1400, кој е произведен во турската компанија TEI.
На претставувањето присуствуваа турскиот министер за индустрија и технологија Мустафа Варанк и турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, а станува збор за мотор кој ќе биде инкорпориран во рамките на турскиот домашен хеликоптер кој го разви компанијата TUSAS.
Турските инженери на центарот ТУБИТАК го развија хеликоптерскиот мотор од 1.660 коњски сили и најнови технолошки достигнувања.
Уште еден од новитетите во таа област во Турција е и развојот на технологијата на користење на легури од никел и титаниум, чија пазарна цена изнесува 6.000 долари по килограм.
Турскиот повеќенаменски хеликоптер „Ѓокбеј“ по тестирањето со домашниот турски мотор би требало да лета од 2024 година.
Станува збор за хеликоптер кој ќе биде користен во воени и цивилни цели за транспорт, амбулантни и спасувачки интервенции. Наменет е за дневни и ноќни летови и во тешки временски услови.
Летот на првиот прототип на тој хеликоптер е успешно реализиран во септември 2018 година, а сериското производство се очекува веќе од наредната година.