АНКАРА - Министерката за трговија на Турција, Рухсар Пекџан, во врска со операцијата што царинските екипи ја спроведоа на Граничниот премин „Капикуле“, на границата со Бугарија, изјави дека се запленети се 2 тона и 70 килограми дрога, истакнувајќи дека ова е најголемо количество дрога запленето во една пратка на копнените гранични премини во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Пекџан преку социјалната мрежа Твитер информираше дека е спроведена операција со која е спречен шверцот на дрога.
Министерката Пекџан потсети дека претходно царинските екипи на аеродромот „Истанбул“ открија 1,7 тони дрога, што претставуваше запленување на најголемо количество дрога на еден аеродром во Турција, додавајќи дека овој пат е фатено поголемо количество дрога.
„Во операција спроведена од страна на царинските екипи на Граничниот премин „Капикуле“ запленети се 2 тона и 70 килограми дрога, со што е постигнат нов рекорд во акциите на граничните премини. Во еден сомнителен шлепер спроведено е пребарување, по што се откриени 2 тона и 70 килограми дрога, што претставува најголемо количество запленета дрога во една пратка на копнените гранични премини во Турција", објави Пекџан.
„Од сè срце им честитам на царинските екипи кои ја реализираа оваа заплена и на Дирекцијата на граничните екипи за разузнавање и борба против шверцот од Едрене, кои деноноќно пожртвувано работат на борбата против шверцот“, се вели во објавата на министерката Пекџан на социјалната мрежа Твитер.
- Рекоа „ѓубре“, излезе дрога
Во соопштението што го објави Министерството за трговија се даваат детали во врска со остварената заплена.
Според тоа, Дирекцијата на граничните екипи за разузнавање и борба против шверцот од Едрене, во рамките на операциите за борба против шверцот, спровела анализа на ризик. Еден шлепер со странски таблички, кој од Италија патувал кон Грузија, бил сметан за ризичен и бил испратен на рендгенско скенирање.
Шлеперот за кој било пријавено дека транспортира стока од типот „ѓубре“, поради сомнителната густина забележана при скенирањето бил испратен во хангар на пребарување. Во тамошната претрага со кучиња за откривање дрога, во возилото се откриени одредени вреќи за кои е забележана реакција од страна на кучињата. Овие вреќи се симнати од шлеперот и откриено е дека во 213 вреќи има 2 тона и 70 килограми дрога.
Пазарната цена на запленетото рекордно количество дрога изнесува 124 милиони и 220 илјади турски лири (околу 18 милиони и 872 илјади евра).
Приведен е странскиот државјанин кој управувал со шлеперот.
- Запленета дрога и во други две операции
Покрај ова, на Граничниот премин „Ипсала“ друг шлепер кој изгледал сомнително е испратен на рендгенско скенирање. При скенирањето е откриено дека на предниот ѕид од приколката на шлеперот, кој транспортирал лим во ролни, постои тајна преграда. Во тајната преграда од приколката отриени се 289 транспарентни кеси, при што се запленети 306 килограми дрога.
Еден ден претходно, повторно на Граниниот премин „Капикуле“, со кучиња за откривање дрога направена е претрага на возило управувано од странски државјанин. При пребарувањето на возилото, во неговото резервно тркало откриени се 4,6 килограми дрога.
Во операциите на граничните екипи на Тракискиот Регион на Турција спроведени се 3 последователни операции во кои се запленети 2 тона и 380 килограми дрога со вкупна пазарна вредност од 142 милиони и 702 илјади лири (околу 21 милион и 676 илјади евра).