Burak Bir
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Безбедноста на податоците и електронските системи е исто толку важна како и безбедноста на границите на земјата, истакна денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Обидот да се осигура безбедноста на податоците со странски решенија значи да се остави пограничната безбедност на странски војници“, рече Ердоган на свеченото отворање на новата Национална агенција за заштита од кибернапади.
Истакнувајќи дека информацијата и технологијата се сектори со најбрз раст во светот, тој потенцираше дека во текот на последните 17 години, вредноста на тој сектор во Турција се зголемила од 20 милијарди лири (3,3 милијарди долари) на 132 милијарди турски лири (речиси 22 милијарди долари).
„Во 2019 година имавме над 136.000 кибернапади против Турција, што е пораст во однос на 2016 година кога имавме помалку од 9.000“, рече турскиот претседател, додавајќи дека од неодамна Турција се наоѓа меѓу земјите кои се најчесто цел на кибернапади.
„Начинот на борба против ваквите напади што се извршуваат со паметни системи е преку развивање и користење на попаметни системи“, истакна Ердоган, споредувајќи ја употребата на конвенционалните методи против кибернападите со користење на хартија за запирање на куршумите.
„Нашата цел е Турција која пронаоѓа, дизајнира, развива и произведува технологија, а не само како косумент“, рече тој.
„Турција ги интензивира работите за изнаоѓање домашно решение за безбедност на податоците, а надлежните имаат директиви за итно преземање на неопходните чекори во тој правец“, додаде турскиот претседател.
Истакнувајќи дека Турција ќе го лансира Турксат 5А во вселената кон крајот на годината, а Турксат 5Б во 2021 година, Ердоган рече дека Турксат 6А, првиот комуникациски сателит од домашно производство, ќе биде во функција до 2022 година.
„Со тоа Турција станува една од 10-те земји во светот кои можат да произведат комуникациски сателити“, заклучи Ердоган.