İsmet Karakaş,Tanju Özkaya
29 Јануари 2021•Ажурирај: 30 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ
Во рамките на уште една голема акција за приведување на лицата осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, турската полиција утринава приведе 41 од вкупно 66 осомничени лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на истрагата за инфилтрирани елементи на терористичката организација ФЕТО во турската жандармерија, Кабинетот на Обвинителството во Анкара издаде налог за приведување на вкупно 66 осомничени лица.
Осомничените користеле тајни и паралелни системи на комуникацација во турската жандармерија, а меѓу нив поголемиот дел од нив претходно се суспендирани, вклучувајќи еден полковник, мајор, четворица капетани, 17 натпоручници, двајца поручници, 17 подофицери и 22 питомци на Воената академија.
Во истрагата учествуваше и Националната разузнавачка служба на Турција (MIT), а постапувајќи по налог на Обвинителството, турската полиција во 25 турски области започна истовремени акции за приведување и досега од слобода лиши 41 осомничено лице.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.