Murat Kaya
04 Јуни 2021•Ажурирај: 06 Јуни 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Судот во Истанбул денеска изрече пресуда во постапката на завера на терористичката организација ФЕТО и влијанието на истрагата за местење на натпреварите во Турција, а на еден од осудените му е изречена казна од дури 1.972 години затвор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пред 23. Висок казнен суд во Истанбул денеска е одржано последното рочиште во процесот кој е воден против вкупно 88 обвинети.
Според одлуката на Судскиот совет, шефот на затворената медиумска групација „Саманјолу“, Хидајет Караџа, е осуден на вкупно 1.406 години затвор поради 76 пати извршено кривично дело кршење на доверливоста на комуникациите, 166 пати фалсификување на службени документи и 91 пат клевета.
Поранешниот полицаец Локман Јаник, на кого му се судеше поради наводното започнување на мешањето на ФЕТО во постапката местење на натпревари, осуден е на вкупно 161 година и 8 месеци затвор, поради повеќепати извршено кривично дело помагање на вооружената терористичка организација и клевета и фалсификување службени документи.
Назми Ардич, тогашен директор на Одделот за организиран криминал во Истанбул, беше осуден на вкупно 1.972 години и 10 месеци затвор, а исто така беше прогласен за виновен за кршење на доверливоста на комуникацијата, фалсификување службени документи и клевета.
Останатите обвинети исто така беа осудени за одредени кривични дела, додека дел од нив беа ослободени.
Како што е претходно наведено од Обвинителството, обвинетите во овој случај се обиделе да преземат водство над спортскиот клуб кој во општествена и економска смисла има големо влијание на општеството во целина или во неговиот поголем дел.
Тие настојуваа да формираат основа за презентирање на претседателите на фудбалскиот клуб Фенербахче и Турскиот фудбалски сојуз како поврзани со вооружени криминални и терористички организации.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.