Admir Fazlagic
06 Јуни 2021•Ажурирај: 07 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Република Северна Македонија соопшти дека Турција ќе ѝ донира на земјава 30.000 вакцини од производителот „Синовак“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Оваа информација министерот Филипче ја соопшти на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук, во текот на вчерашната посета на Република Турција.
„Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, ни соопшти дека ни донираат 30.000 вакцини од производителот Синовак. Овој гест на солидарност е уште еден показател за искреното пријателство и соработка меѓу двете земји. Голема благодарност до турскиот народ и претседателот Ердоган“, истакна Филипче.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, за време на вчерашната еднодневната работна посета на Република Турција се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, на работната вечера во Истанбул, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Заев и претседателот на Турција, Ердоган, разговараа за заемните пријателски односи исполнети со динамична соработка во повеќе области.