Zuhal Kocalar
01 Мај 2016•Ажурирај: 01 Мај 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Гувернерот на југоисточната провинција Газиантеп, Али Јерликаја, соопшти дека во утринскиот терористички напад пред зградата на полициската станица загина еден а ранети се 19 полицајци и четири цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се наведува дека нападот е извшен утринава во 9:20 часот по локално време кога експлодираше автомобил-бомба во квартот Инџилипнар во непосредна близина на Градската управа, Управата за јавни приходи и Полициската дирекција.
„При експлозијата загина еден а ранети се 19 полицајци и четири цивили. Повредените се згрижени во болничките установи”, рече Јерликаја и најостро го осуди „подлиот и свиреп” терористички напад.
Неименувани болнички извори соопштија дека најмалку двајца повредени полицајци се во животна опасност.
Силната експлозија предизвика голема материјална штета во центарот на Газиантеп, а надлежните градски служби работат на расчистување на теренот.
Камерите на телевизијата "TRT World" го снимија моментот на силната експлозија.
Турските безбедносни сили преземаа максимални безбедносни мерки и во тек е истрага за нападот.
Непосредно по експлозијата, утринава, Канцеларијата на гувернерот соопшти дека во експлозијата загина еден полицаец а дека 13 лица се ранети.