Sibel Kurtoğlu
14 Јануари 2017•Ажурирај: 15 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган денеска во Истанбул изјави дека Турција досега успешно реши многу тешки испити, па и моменталните прашања во нејзината економија ќе бидат решени во многу краток период, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган говореше на церемонијата на отворање на новата зграда на Истанбулската берза, организирана по повод годишнина од основањето на берзата, а во таа прилика се осврна на актуелните случувања.
„Со сето срце верувам дека Турција, која помина многу тешки испити, многу бргу ќе ги надвладее и денешните неволји во својата економија", рече Ердоган напоменувајќи дека непријателите на неговата земја во последно време како оружје ја користеа вредноста на националната валута обидувајќи се да нанесат штета на Турција.
„Колку ние посилно се отргнуваме, толку тие посилно напаѓаат. Последните денови не нападнаа со користење на вредноста на валутата како оружје, но само нека напаѓаат. Ние произведуваме алтернативи и ќе продолжиме со тоа", порача турскиот претседател Ердоган.
Говорејќи за уставните промени Ердоган истакна дека тие ќе имаат допинг ефект на Турција.
„Стапувањето на сила на уставните измени кои моемтално се предмет на парламентарните процедури ќе имаат допинг ефект на нашата земја. Со Божја помош никој нема да може да стои пред успонот на новата Турција", рече Ердоган.
Истакна дека инвеститорите кои во Турција ќе вложат два милиони долари имаат право на државјанство на Турција.
„Оној кој во нашата земја ќе дојде со инвестиција вредна два милиони долари ќе добие можност за државјанство. Тоа се битни чекори. Но тоа има и свои ризици. Зошто? Познато е дека има и такви кои се спротиставуваат на тоа, но нашите намери се поинакви. Сакаме една глобална структура да собереме низ модел на глобално државјнаство, со центар во нашата земја. Тој чекор мораме да го направиме", порача претседателот Ердоган.
Тој истакна дека е јасно оти е потребно да се биде побрз и порешителен во правењето чекори за решавање на актуелните прашања во областа на економијата.