Zafer Fatih Beyaz
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, поднесе кривична пријава против заменик-претседателот на турската опозициска Републиканска народна партија (ЏХП), Булент Тезџан, за кривично дело „навреда на претседателот на државата“, јавува Anadolu Agency (AA).
Адвокатот на претседателот на Турција, Хусеин Ајдин, до Републичкото обвинителство во Анкара поднесе барање за кривична пријава од десет страници, во коешто се наведува дека Тезџан изнел навреди за претседателот Ердоган во текот на обраќањето во местото Сулејмание, во близина на западниот град Текирдаг.
Тезџан е обвинет дека извршил кривично дело „навреда на претседателот на државата“, според членот 299 од Казнениот закон на Република Турција.
Во барањето предадено до обвинителството се наведува дека зборовите на Тезџан се дел од една нова кампања, како и оти никако не можат да бидат сметани како поединечен индидент.
„Како што е познато, во периодот пред обидот за пуч на 15. јули 2016 година, однадвор и однатре беше започната кампања со цел претседателот Ердоган да се прикаже како диктатор. Политичката партија на осомничениот, исто така, на ниво на самиот врв од таа кампања вложуваше големи напори за да се формира перцепцијата за претседателот Ердоган како диктатор“, се вели во барањето што го поднесе адвокатот Ајдин.
Исто така, нагласено е дека изјавите на Тезџан не можат да се стават во рамките на слобода на говорот и размислувањето и се порачува дека осомничениот, земајќи го за цел претседателот на земјата, користел зборови што ја нарушуваат неговата чест, угледот и почитта, односно го извршил ова кривично дело целејќи на личноста и угледот на претседателот на државата.
Во членот 299 од Казнениот закон на Република Турција, за кривичното дело се вели дека „лицето што ќе изнесе навреда на сметка на претседателот на земјата, се заканува со затворска казна од една до четири години“.