Meltem Bulur
31 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Пријавувањето за „Istanbul Photo Awards 2018“, меѓународниот натпревар за фотографии којшто Anadolu Agency (AA) го организира по четврти пат, започнува утре, на 1 ноември. Пријавувањето за натпреварот на којшто се додадени уште две категории, може да се изврши преку интернет-страницата http://istanbulphotoawards.com до 31 јануари 2018 година.
Новите категории се поединечни и сериски фотографии од секојдневниот живот, со што бројот на категориите се зголеми на десет. На победниците во категориите, како и за најдобар млад фоторепортер ќе бидат доделени награди во вредност од 165.000 долари.
Репортерот чија фотографија ќе биде прогласена за фотографија на годината ќе добие награда од 10.000 долари. Победниците во останатите категории ќе добијат по 8.000, второпласираните 5.000, а третопласираните 3.000 долари.
Секоја година, жирито во март се состанува во Турција, за да ги одбере најдобрите фотографии. Кон крајот на месецот се прогласуваат победниците.
Веќе три години професионалните фоторепортери и фотографи од целиот свет покажуваат голем интерес за овој натпревар.
Уредникот на визуелните вести на АА, Ахмет Сел, изјави дека претходните категории биле поединечни и сериски фотогафии од спорт, портрет и природа и околина.
Сел изјави дека оваа година ќе бидат додадени поединечни и сериски фотографии од секојдневниот живот.
Тој потсети дека на минатиот натпревар пристигнале околу 25.000 фотографии во осум категории и оти 22 фоторепортери од 17 земји добиле награди во вредност од 133.000 долари.
Сел истакна дека новите категории ја збогатиле содржината на натпреварот и оти целта на „Istanbul Photo Awards“, кој е еден од најистакнатите натпревари од светот на фотографиите, е да достигне поширок круг на професионални фоторепортери.
Тој посочи дека за нив, од аспект на известување, годината била многу бурна и оти оваа година очекуваат трудови на светски познати фоторепортери.
Жирито на „Istanbul Photo Awards 2017“ се состоеше од уредничката на дигиталниот сектор во списанието „Paris Match“ (Париз меч), Марион Мертенс, познатиот фоторепортер на агенцијата „Noor“ (Нур), Јури Козирев, спортскиот фоторепортер на „Getty Images“ (Гети имиџис), Камерон Спенсер, добитничката на наградата „Howard Chapnich“ од областа фотографија, Лиза Фактор, шефот на Канцеларијата за развој на фотографии на „AFP“ (АФП), Мишел Ското, директорот на Шангајскиот фотографски центар и фоторепортер награден со Пулицер, Лиу Хеунг Шинг, фоторепортер од „Getty Images“, Џорџ Декерле, уредникот на визуелните вести на АА, Ахмет Сел и уредникот на фото сервисот на АА, Фират Чалајан Јурдакул. И оваа година, жирито ќе се состои од доајени од светот на фотографијата.
Даниел Берехулак, кој минатата година освои трето место во категорија поединечни вести на овој натпревар, со фотографијата „Војната на Дутерте против дрогата“ ја освои Пулицеровата награда. Фотографијата „Бегалци“ на Сергеј Пономарев, која во 2016 година беше прогласена за најдобра во поединечни вести, исто така освои Пулицер.
Фотографиите наградени на „Istanbul Photo Awards 2017“ на публиката ѝ се претставени на изложби во Турција и во светот. Изложбата во октомври беше отворена во седиштето на ОН во Њујорк, а на 9 ноември ќе биде отворена и во Москва.
Повторно ќе бидат отворени работилниците и дружењата организирани за првпат на претходниот натпревар. Љубителите на фотографиите претходно имаа можност да се дружат со престижни имиња од светот на фотографијата, Јури Козирев и Стенли Грин, и да учат од нив.