Coşkun Ergül
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, изјави дека ирачката државна власт од Багдад утрово ја презела контролата над граничниот премин меѓу Турција и северниот дел на Ирак, кој претходно беше контролиран од Регионалната курдска управа, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот премиер во своето обраќање на седницата на Клубот на пратениците на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) во Анкара, го изнесе мислењето за референдумот што се одржа во северен Ирак.
Јилдирим повтори дека предупредувале оти споменатиот нелегитимен референдум е грешка, и дека турските официјални претставници говореа оти оние кои го организираа референдумот треба да сносат последици.
„Утрово, граничниот премин е предаден под контрола на централните ирачки власти и ирачката влада во иднина ќе го контролира движењето преку овој премин. Од наша страна продолжува контролата на преминот Хабур, додека преминот 'Халил Ибрахим', од другата страна, го контролира официјален Багдад. На овој начин е направено сè она што го говоревме од самиот почеток“, рече тој.
Тој се осврна и на железнчката линија Баку-Тбилиси-Карс, која беше отворена вчера.
„Бевме многу горди и возбудени. Ова е еден историски проект“, рече Јилдирим, кој додаде дека реализацијата на овој проект значи спојување на Кина, Средна Азија, Кавказ и Анадолија со Европа.
Тој додаде дека претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, помогнал многу во реализацијата на проектот, за кој Јилдирим смета дека ќе биде нова пресвртница во турско-азербејџанските односи.
„На оваа линија, возот кој ќе тргне од Кина, до Хамбург ќе може да стигне за 12 дена“, рече Јилдирим, кој потсети дека патувањето по алтернативниот морски пат трае до 45 дена.
Додека Јилдирим го завршуваше своето обраќање, членовите на партијата во салата извикуваа дека сакаат смртна казна за припадниците на терористичката организација ФЕТО.
На тоа премиерот Јилдирим истакна дека припадниците на ФЕТО во рамките на правната држава ќе добијат најтешка казна и повтори дека Турција е правна држава.
„Нашата цел е на водачите на оваа подмолна организација, со која се диригира однадвор, да им се одреди казната којашто ја заслужуваат“, порача Јилдирим.