Alper Atalay
31 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - АЛПЕР АТАЛАЈ - Челникот на турската парламентарна поткомисија за правата на бегалците, Атај Услу, изјави дека ЕУ станала засолниште за пребеганите терористи од ФЕТО и ПКК од Турција, а истовремено не ги прифаќа бегалците од Сирија и од Ирак, на кои им е потребна вистинска помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Поткомисијата за правата на бегалците дејствува во рамките на турската парламентарна Комисија за човекови права, а претседателот на тоа тело, Атај Услу, за АА изјави дека европските земји грубо ги кршат основните човекови права и оти водат дволична политика.
„Последниот фрапантен случај е одлуката на швајцарските органи за депортација на 106-годишна бегалка. Европа ги крши правата на бегалците и поставува бодликава жица на границите, за луѓето да не доаѓаат. Последица на тоа е масовното страдање на бегалците во Средоземното Море, кое стана најголемата масовна гробница во изминатите неколку години“, изјави Услу.
Потсетувајќи дека ЕУ е креатор и потписник на Женевската конвенција, која ги претставува основите на меѓународните норми за хуманитарните прашања, Услу истакна дека токму таа Европа не ги почитува сопствените акти.
„Конвенцијата е јасна и вели да се отворат границите за луѓето кои бегаат од војна и неволја. Меѓутоа, гледате дека тоа не се почитува. Не ги отвораат границите за бегалците, но затоа им даваат право на азил на лицата кои поради поврзаност со терористичките организации побегнале од Турција. Тоа е класична дволичност којашто Европа мора да ја воочи. Европа денес е заолниште за лица кои сторија кривични дела и беа вмешани во терористичките активности на ФЕТО и на ПКК. Им се дава право на азил. Прашањето е само зошто тоа право им се ускратува на бегалците од Сирија и од Ирак“, изјави Услу.