Zehra Aydın
04 Октомври 2017•Ажурирај: 05 Октомври 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес, по состанокот со иранскиот претседател Хасан Рухани во Техеран порача дека одлуката за референдумот што го спроведе Курдската управа на северот на Ирак не може да биде легитимна, со оглед на тоа што е донесена заедно со Мосад, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган утринава допатува во посета на Иран, а на прес-конференцијата по состанокот порача дека во фокусот на разговорите со иранскиот колега биле регионалните прашања, особено прашањето на Ирак.
Зборувајќи за нелегитимниот референдум што Курдската управа неодамна го спроведе во северен Ирак, Ердоган истакна дека тој референдум е нелегитимен и нелегален.
„Каков референдум спроведува Курдската управа во северот на Ирак? Не постои ниту една земја во светот што ја признава освен Израел. Одлуката донесена заедно со Мосад, не може да биде легитимна, таа е нелегална“, порача претседателот Ердоган.
Тој додаде дека ваквиот чекор ќе ја осуди локалната управа во северен Ирак на осаменост.
„Одлучноста на Турција и на Иран по тоа прашање е јасна. Нашиот соговорник во Ирак е централната влада, и овој референдум ќе го сметам за нелегитимен“, изјави Ердоган.
Тој се осврна и на Сирија.
„Во Сирија имаме трилатерален механизам. Иран, Русија и Турција таму продолжуваат со процесот кој е дефиниран во Астана. Зоната без судири тука е од големо значење“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека во наредниот период ќе биде потпишан и договор меѓу двете земји во врска со купувањето со домашната валута, што ќе придонесе за отворање на поголем број турски банки во Иран, но и ирански на подрачјето на Турција.