Ekipa
04 Октомври 2017•Ажурирај: 05 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Кемал Батмаз, еден од цивилните водачи и втор во хиерархиската низа на неуспешниот обид за воен удар на ФЕТО во Турција, на 15 јули 2016 година, при влез во САД изјави дека ќе престојува заедно со водачот на терористите на ФЕТО, Фетула Ѓулен, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за внатрешна безбедност на САД на 8 септември 2017 година, до турската полиција проследи документи со изјава на Кемал Батмаз, кои укажуваат на тоа дека неговите тврдења оти не го познава Фетула Ѓулен не се вистинити.
Државното обвинителство во Анкара ги проследи до судот како доказен материјал документите што ги испрати американското министерство, во рамките на судскиот процес поврзан со случувањата во воздухопловната база „Акинџи“, која беше централа на пучистите за време на планирањето и раководењето на обидот за удар.
Во документите, меѓу останатото, се наоѓа и изјавата на Кемал Батмаз кој на 1 јануари 2016 година беше сослушан на аеродормот „Newark“ (Њуарк), во сојузната држава Њу Џерси.
Кај Батмаз, за кој е утврдено дека многу често патувал во САД, пронајдени се 7.000 долари, и бил запрашан каде планира да ги троши.
Тој одговорил дека парите ќе ги троши за време на престојот во САД, и дека ќе биде пречекан од пријателот по име Исмаил Челик, потоа планирал една ноќ да престојува во хотелот Ривиера, а потоа со пријател по име Јавуз Улусој ќе престојува кај „Мухамед Фетула Ѓулен“.
Во извештајот на Обвинителството во Анкара се наведува дека Батмаз и Оксуз, познат и под името „имам на ФЕТО за воздушните сили“, од истанбулскиот аеродром „Ататурк“, на 11 јули отпатувале во САД, каде што престојува водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, а во Турција се вратиле два дена подоцна, непосредно пред обидот за воен удар.
Со обидот за пуч од воздушната база „Акинџи“ управувал Адил Оксуз, кој се смета за „кутија на тајните на Ѓулен“, а со него важна улога имаше и Батмаз, високопозициониран припадник на ФЕТО.
Во врска со видеоснимките на коишто може да се види дека бил на аеродромот „Ататурк“ истовремено со Оксуз, Батмаз пред судот рече дека се работи за случајност. Исто така, пред судот изјави дека во близина на воздухопловната база престојувал со Харун Бинис, со кој гледал земјиште што имал намера да го купи.
Во врска со обвинувањата дека се состанал со лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, и го потврдил планот за пуч, Батмаз одговори: „Ниту бев во Пенсилванија, ниту потврдив нешто, ниту во врска со тоа добив некоја наредба. На состаноците за кои се вели дека се одржани, не присуствував“.
Батмаз во обвинителството изјави дека лидерот на ФЕТО го познава од медиумите и оти со него не се сретнал никогаш.