Özüm Yalkın
21 Јули 2016•Ажурирај: 22 Јули 2016
АНКАРА (АА) - Полковникот Али Јазиџи, првиот советник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за воени прашања, кој е уапсен во рамките на истрагата за неуспешниот обид за државен удар во Турција, пред државниот обвинител во Анкара изјави дека за време на обидот за пуч направил погрешни избори и дека згрешил со тоа што не отишол кај претседателот Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Јазиџи за време на исказот пред обвинителот изјави дека по вршењето на повеќе различни должности во турската војска, на 27 јули минатата година бил именуван за прв советник на претседателот Ердоган за воени прашања, и додаде дека смета дека за време на својата кариера ги исполнувал своите обврски и функцијата за советник ја прифатил сериозно.
„За време на должноста не дозволував мешање на советниците на претседателот во работата. Затоа, против мене започна пропаганда пред претседателот и во април оваа година добив решение за именување на должност во Командата на артилерискиот полк во Чорлу. Таму требаше да бидам преместен кога претседателот тоа ќе го сметаше за адекватно, но на должноста советник останав до 15 јули“, изјави Јазиџи.
Потсетувајќи дека претседателот Ердоган со семејството отишол на одмор во Мармарис, Јазиџи изјави дека и тој ја искористил таа можност и на 11 јули отишол во Токат, каде што живеат неговата сопруга и децата, но дека во Анкара се вратил на 14 јули.
„Во Анкара стигнав на 14 јули попладне. Се состанав со командантот на полкот Кутсиј Барис. Ме праша дали на 15 јули ќе има воена вежба и кој би можел да учествува. Му реков дека можат да учествуваат два подофицера и му ги дадов нивните имиња. Воопшто не го споменавме воениот удар. Потоа отидов во својот стан, бев сам и немав гости”, изјави Јазиџи.
Јазиџи истакна дека на прашањето на командантот Бариш одговорил дека претседателот е во хотелот „Гранд“ во Мармарис, и ги потврди зборовите на Бариш кој рекол дека претседателот Ердоган бил во селото Отлук. Јазиџи пред обвинителот изјави дека Бариш само го прашал за локацијата на претседателот и дека тој му одговорил. Дополнително со колегите-советници проверил и дознал дека претседателот навистина бил во селото Отлук, и дека повторно се вратил во хотелот.
Јазиџи притоа изјави дека во 16.30 часот со службено возило тргнал од Анкара кон Анталија, каде што претседателот Ердоган требало подоцна да пристигне и да присуствува на хуманитарниот фудбалски меч на познатите фудбалски ѕвезди како Меси.
„Тргнав кон службеното возило, не се сеќавам на регистарскиот број. Внатре во комплексот на гардата ми пријде лице во цивилна облека и ме праша каде одам. Му реков дека одам во Анталија, а тој ме праша дали може да дојде со мене. Му реков дека може. Го прашав за неговото име и откако седна во возилото, ми одговори дека се вика Емин и дека има чин на потполковник. Би го препознал тоа лице доколку го видам. Можеби го снимиле надзорните камери на портата каде што излегувавме“, изјави Јазиџи.
Тој и понатаму тврдел дека претходно не знаел за промената на планот на претседателот Ердоган дека тој доаѓа во Истанбул, и дека не можел да се упати кон Мармарис или во Истанбул бидејќи веќе во автомобилот го примил потполковникот Емин.
„Околу 21.30 часот ме повика генералниот секретар Фахри Касирга, кога бев некаде околу Афион, и ме праша што се случува, бидејќи слушнал некои вести. Му реков дека не знам и дека ќе проверам, а потоа ме повика и главниот советник Давут Квранофлу и ме праша дали започнал државен удар“, изјави Јазиџи и додаде дека притоа го повикале многумина колеги од Анкара, Мармарис и од Анталија и сите го прашале дали се работи за акција за рамките во командниот синџир.
Нагласувајќи дека не знаел ништо за акциите на војската на 15 јули, Јазиџи изјави дека за време на телефонскиот разговор со Ахмет Чотук од Генералштабот му рекол дека не сака да биде дел од тие операции, бидејќи не верува дека началникот на Генералштабот Хулуси Акар е дел од тоа.
Јазиџи наводно го прифатил предлогот на сопатникот Емин и се упатил кој најблиската база во Измир и околу еден и пол часот стигнал во воздушната база во тој град, во кој, како што тврди Јазиџи, со војниците преку телевизија ги следеле настаните во Истанбул и Анкара.
Наредното утро, Јазиџи вели дека тргнал кон Анкара, па скршнал за Истанбул и дека по наговор на заменикот на генералниот секретар Надил Алпарслан, повторно се вратил на пат кон Анкара, каде што по доаѓањето во 22.30 часот „заглавил” во метеж, бидејќи граѓаните биле на улиците. Додава дека не го повикал претседателот таа вечер, но дека сфатил дека треба да го повика.
На прашањето на обвинителот зошто прво примил непознато лице во службено возило, а по сознанието за државниот удар, него го одвезол во база во Измир, Јазиџи изјави дека жали поради тоа.
„Камоли да го исфрлев од возилото, и наместо кон Измир, да тргнев кон Мармарис. Прифаќам дека тоа беше голема грешка“, изјави Јазиџи.
Обвинителот потоа му постави прашање на Јазиџи зошто по сознанието на воениот удар не го повикал претседателот или другите надлежни и не ги прашал што се случува. Јазиџи кратко одговори: „На тоа немам никаков логичен одговор“.
Тој појасни дека во разговорот со надлежните лица отворено зборувал за локацијата на претседателот во Мармарис, бидејќи сметал дека таму нема ништо тајно, и дека медиумите, наводно, веќе објавиле каде одмора претседателот.
„Не ги знаев шифрите, ниту кодовите на летовите на хеликоптерите и авионите со кои претседателот Ердоган од Мармарис стигна во Истанбул, па не можев да ги откријам на никого. Доколку се докаже спротивното, ќе прифатам секаков вид на казна”, изјави Јазиџи.
Тој наведе дека за Фетулах Ѓулен, водачот на терористичката организација која со државен удар се обиде да ја собори власта во Турција, слушнал само преку телевизија.
„За време на военото школување никогаш немав состанок со Ѓулен. Не престојував во нивните станови, ниту познавав нивни луѓе. Јас не сум од ФЕТО. За мене Фетулах Ѓулен е водач на терористичка органиација”, рече Јазиџи за време на изјавата пред обвинителот.
Обвинителот го потсети Јазиџи дека негова должност е да биде со претседателот на државата и да го штити со своето воено знаење и способности, и го праша зошто по сознанието за започнатиот обид за државен удар отишол во воена база, а не до претседателот, Јазиџи не размислувал во тие моменти за тоа.
„Не размислував. Одлучив да не одам во Анталија туку во Измир, и тоа беше погрешен избор. Се каам поради тој избор. Не прифаќам обвиненија бидејќи не учествував во воениот удар. Не бев дел од движењето на Фетулах. Прифаќам дека направив погрешни одлуки кога не го повикав претседателот, заминав во Измир, и ја открив локацијата на претседателот“, изјави Јазиџи.